Христијанските храмови од средновековниот период на Матка се достојни показатели на македонската средновековна историја и уметност, односно на македонското духовно и уметничко наследство. Тие не можат да се споредуваат со ништо од човек создадено, бидејќи надминуваат сѐ во секој поглед, затоа што го симболизираат Царството небесно овде на земјата. Токму затоа, многу често, градителите и зографите избегнувале да ги запишуваат сопствените имиња, знаејќи дека тоа е Божјо дело, дар од Бога, односно дека преку нивните раце самиот Бог создавал.
Возобновена во 1337 година.
Од карпестиот теснец, денес преграден со високата бетонска брана изградена во 1938 година, тече реката Треска- кон север уште еден километар низ мошне тесна клисура, а потоа теренот се проширува. Тука на левиот брег на широка зарамнета тераса, околу 14-от век, е возобновен манастирот Матка со црква посветена на Успението на Пресвета Богородица.
Точното време на возобновување на црквата не е познато, ниту пак првиот ктитор. Неколку истражувачи претпоставуваат дека црквата е изградена околу 1337 година од Бојко, син на непознатата властелинка Даница, а врз основа на спомнатиот натпис во црквата свети Никола во Љуботен каде се вели дека во овој период Бојко бил господар на Матка.
Архитектура.
Црквата има форма на стеснет впишан крст со едно кубе, кој се потпира на четириѕидна квадратна основа. Во надворешниот ѕид на црквата се вградени камени остатоци од ранохристијанскиот период, и од базиликата над која се смета дека е подигната.
Во потрагата пo времето на изградба на првобитната црква не смее да се изостави надгробната плоча на христијанката Марија, вградена во црквата пред олтарот од 1372 година.
“Зошто се чудите , о луѓе што ме гледате мене во гробот? Знајте дека, исто така, вие ќе бидете но, спомените со вас мили се, помените ме и мене рабина божја Марија, а нарекувана Велислава. Се претстави на 28 септември 1372 година “.
Според овој натпис може само да се претпостави дека во 1372 година, кога Марија била погребана, црквата веќе била изградена.
Фрескопис
На првобитната црква, веројатно во бурните настани на воспоставување турска власт во Македонија и страдале покривот и фреските. Во наосот на црквата над западниот влез се наоѓа сочуван натпис од 1497 година и во него се споменува името на ктиторот Милица која го поправила покривот, ја живописала црквата и доизградила припрата.
Според овој натпис, јасно е дека протогената градба на црквата потекнува од 14-от век додека покривот и фреско-живописот се од крајот на 15 –от век.
Припратата која ја изградила Милица во 1497 година не е сочувана и не е познато кога била срушена. Денес над вратата на црквата сѐ уште се видливи остатоци од фреските кои тогаш биле во внатрешноста на припратата.
Фреските во манастирот Матка припаѓаат на охридската сликарска школа од крајот на 15 век. Овде за прв пат се забележани фрески од таа школа прилагодени во простор од типот на збиен впишан крст. Во колоритот доминира темно-црвена атмосфера разбиена со отворенозелена, окер (жолт и блед), маслинава и сива боја.
Сликарската програма, ни ја пренесе во целост, м-р Јехона Спахиу, за што ѝ благодариме.
Плитка резба.
Во 2000-та година стариот иконостас е поставен во параклисот во самиот монашки конак посветен на свети Григориј Палама, и свети Наум Охридски. Тогаш во црквата се поставени иконостасот (дело на поранешната копаничарска работилница Емо-Охрид) и еднокрилната врата (дело на Миле Нестор)- изработени со рачна плитка резба. Резбата е проект на Васил Илиев кој сите мотиви ги црпи од плитката резба на Слепчанската школа- автентичен стилски израз во резбарството во XIV век, создаден од монасите од манастирот св.Јован Крстител во Слепче.
Иконите на иконостасот, како и цртежите за иконите на еднокрилната врата, се дело на Малка Конеска.
Постолјето, во плитка резба, за иконата на Пресвета Богородица која била дел од стариот иконостас, е изработено во 2019-та година, по пример на плитката рeзба на иконостасот.
Пресвета Богородица, икона - XVIII- ти век.
Иконата на Пресвета Богородица со Христос која е дел од иконостасот од XVIII век, на барање на верниците кои имаат изградено молитвен однос кон Пресвета Богородица, почитувајќи ја оваа нејзина икона, е повторно вратена, и денес се наоѓа во црквата на посебно постолје со плитка резба.
Иконата според извештај на заводот за заштита на споменици и култура на град Скопје нема голема вредност. Нејзината вредност за верниците, за сите нас, како икона на Пресвета Богородица, заштитничката на нашиот манастир и градот Скопје, Македонија, е огромна.
Во времето на престојот во манастирот Успение на Пресвета Богородица-Матка, на свети Гаврил, епископот Велички, неговиот татко монах Кирил по едно искушение, и молитва пред иконата, се удостоил да добие утеха од Пресвета Богородица и видел светлина од нејзините очи. На самата икона има траги од солзи.