Параклис СветиГригориј Палама и свети Наум Охридски

Со возобновувањето на монашкиот живот во Манастирот Успение на Пресвета Богородица Матка, во склоп на конакот,во 1998 година се основа параклисот посветен на Свети Григориј Палама и Свети Наум Охридски.

Иконостас од XVIII -ти век

Од самото основање на сестринство при манастирот, сите богослужби, освен Литургијата, сестрите ги одржуваат во параклисот на свети Григориј Палама и свети Наум Охридски. Во 2000-та година, кога во црквата е поставен новиот иконостас во плитка резба, со нови икони, стариот иконостас од XVIII век се вклопува во параклисот.

Чудотворна икона на Пресвета Богородица XVIII -ти век

Иконата на Пресвета Богородица со Христос која е дел од иконостасот од XVIII век, на барање на верниците кои имаат изградено молитвен однос кон Пресвета Богородица, почитувајќи ја оваа нејзина икона, е повторно вратена, и денес се наоѓа во црквата на посебно постолје со плитка резба.

Иконата според извештај на заводот за заштита на споменици и култура на град Скопје нема голема вредност. Нејзината вредност за верниците, за сите нас, како икона на Пресвета Богородица, заштитничката на нашиот манастир и градот Скопје, Македонија, е огромна.

Во времето на престојот во манастирот Успение на Пресвета Богородица-Матка, на свети Гаврил, епископот Велички,  неговиот татко монах Кирил по едно искушение, и молитва пред иконата, се удостоил да добие утеха од Пресвета Богородица и видел светлина од нејзините очи. На самата икона има  траги од солзи.