Лековита био-градина. Манастир Успение на Пресвета Богородица, Матка

Природата ни е дарувана ризница од Бога која изобилува со најразновидни билки, кои правилно набрани, исушени и третирани се вистински лекови за најразлични болести со кои се соочуваме во денешниот современ, динамичен начин на живот.

Лековити масла и креми

Поттикнати од желбата да си помогнеме и себе си , но и на сите оние што ќе имаат потреба и да ги олесниме болестите барем малку, решивме да ја оформиме оваа мала работилница за правење на мацерати (инфузирани масла).

Мацератите настануваат со потопување на свежи или суви билки во ладно цедено масло на подолго време, при што медицинските, терапевтските и аромативните својства на билките се екстрахираат во растителното масло правејќи го лековито, а воедно ги задржуваат и нивните богати бои и убави мириси.

Мацератите се безбедни за орална употреба и се користат без ограничување, бидејќи не се концентрирани како есенцијалните масла и нема потреба да се раствараат. Може да се користат во масти, креми, лосиони, при масажа или други терапевтски намени.

Кремите се производи произлезени од мацератите. Како основа на еден вид крема се користи соодветно мацерирано масло според видот на кожа за која е наменета кремата.

Конзервирани, зимница

Ликерите ги правиме на традиционален начин од свежи или сушени билки, овошје или зрнести плодови кои ги потопуваме во вино или ракија и ги оставаме да одлежат подолго време во зависност од тоа за која состојка колку време е потребно за да се инфузира и ги ослободи своите најблагородни и лековити својства. Како маслата, така и ликерите се природни лекови за човековото здравје.

Слаткото е препознатлив белег за гостопримството на манастирите, каде се послужува со слатко приготвено од рацете на монасите со чаша вода. Нашите слатка ги правиме по традиционални рецепти со сезонско овошје.

Ајварот е неизоставен дел од македонската зимница. Го подготвуваме по традиционален рецепт. Се разбира – секогаш е во ограничени количини.