Османлиско царство. Манастир Успение на Пресвета Богородица, Матка

Обновата и заживувањето на монашкиот живот и денес, како и секогаш, во основа се темели врз обновената пракса на евхаристискиот и исихастичкиот живот во парохиите и манастирите.

Преданието за Исусовата молитва во Македонија, во Матка како нејзин неодвоив дел, никогаш не престанало, од апостолски времиња до ден денес.

И иако знаеме дека пламенот на Исусовата молитва непрестајно горел во срцата на молитвените тихуватели, во срцето на живото светоотечко предание, тој во одредени моменти мошне интензивно се разгорувал.

Континуитетот на аскетско-исихастичкото предание во Матка, Македонија ќе го следиме токму преку тие личности, светила, кои подготвени да се одречат од себеси и да се жртвуваат себеси за Бог и своите ближни, го сведочеле и проповедале Христа на ова тло, пламтеле за и денес да светлат.

Во периодот на Османлиско царство од крајот на XV-ти до крај на XIX-ти век манастирот Успение на Пресвета Богородица бил, во континуитет, машки манастир со развиена книжевна дејност. Може да се сретнат во дел од зачуваните ракописни книги, записи кои сведочат за животоот во манастирот.

Митрополит Скопски Атанасиј. Фрескопис.

Црквата Успение на Пресвета Богородица, се смета дека уште пред 1497 кога е завршен фрескописот и обновена црквата, била манастирска, односно припаѓала на манастирот во кој живеело монаштво. Тоа ни го сведочи изборот на фрески кој ги вклопува во себе сите основоположници на монаштвото Египетски и Македонски како и бројните пустиножители: Св. Марко Трачески, Св. Онуфриј Велики, Св. Павле Тивејски, Св. Зосима, Св. Марија Египетска, Св. Петар Коришки, Св. Антониј Велики…  

За потребите на монасите ктиторот Милица, приложила тогаш и лозје (денешната локација на новите гробишта на Долна Матка,  крај манастирот).

       Скопскиот митрополит Атанасиј, во времето на кого е фрескописана црквата Успение на Пресвета Богородица, според податоци од Кодикот кој се пишувал во манастирот, бил Скопски монах. Скопје бил под турска власт, а Скопската епархија во рамките на Охридската Архиепископија. Почитта кон Свети Климент и Свети Кирил Философ, фрескописани во олтарниот простор, монасите ја негувале и тогаш како и денес. По углед на нив во манастирот се развивала книжевна дејност. 

Фреските во манастирот Матка припаѓаат на охридската сликарска школа од крајот на 15 век .Фрескописот е завршен во 1497г. Овде за прв пат се забележани фрески од таа школа прилагодени во простор од типот на збиен впишан крст. Во колоритот доминира темно-црвена атмосфера разбиена со отворенозелена, окер (жолт и блед), маслинава и сива боја.

Сликарската програма, ни ја пренесе во целост, м-р Јехона Спахиу, за што и благодариме. Отворете ја страната- едноставно одбирајќи фотографија од фреските.

Јермонах Евстратиј, монах Никодим и Азариј. Кодик.

Од овој манастир потекнува Кодик којшто се наоѓа во Софиската Народна библиотека. Ракописот во својот основен дел настанал во шеесетите или осумдесетите години на 16 век, а во подоцнежните периоди бил постојано надополнуван. Во кодикот има и записи од 17-18 век, коишто од првичните се разликуваат по писмо, јазик и содржина.

Кодикот навистина носи подоцнежни датуми на впишување (1564 – 1580г.) мeѓутoa, секако, станува збор за препис од постар оригинал што подоцна бил дополнуван. Врз неговиот основен дел работеле тројца пишувачи: јеромонах Евстратиј, монах Никодим и Азариј. Тоа го дознаваме од записите на самиот ракопис кои ги оставиле истите за својата работа.

Кодикот на манастирот Матка е мал ракопис, кој содржи 49+1 листа.На првиот лист даден е вовед кој е карактеристичен за повеќето кодици и во кој се вели дека црквата е подигната со труд и љубов. Се спомнуваат садовите за служење (златни и сребрени), икони (со сребро и злато украсени) и книги (со и без окови)…И сè што е наведено во Хрисовулот и Законикот на светите ктитори (документ, кој нам не ни е познат)…

На внатрешната страна од корицата има неколку записи. Во еден од нив се споменува архиепископот Охридски Прохор. Постои само еден архиепископ Прохор помеѓу Охридските архиепископи кој бил на тронот од 1528-1550г. (7 години пред повторната активност на Пеќската патријаршија, по декрет на султанот Мехмед Селимович и потпаѓањето на Скопската епархија под неа).

Во поменикот на кодикот се наведени и митрополитите високопреосветени – Герман, Матеј , Јован и Атанасиј „митрополит скопски“. Иако не е наведено, се претпоставува дека како и Атанасиј и останатите се скопски митрополити. Митрополитот Матеј Скопски се споменува во натпис на крштален купел во Марков манастир, 1394г, а се упокоил 1428г.

Покрај митрополитите се наведуваат имињата на јеромонаси, 11 јеромонаси од манастирот Матка, како и од Охрид и од Марков манастир, монаси, монахињи, свештеници, а потоа и имиња на многубројни верници.

Пишуван во континуитет, во временски период од 3 века,

кодикот на Манастирот Успение на Пресвета Богородица -Матка, е интересен од повеќе аспекти,  историски, јазичен, верски..  Славица Николовска, во целост го обработува КОДИКОТ НА МАНАСТИРОТ МАТКА (.pdf формат) Блаже Конески во ИСТОРИЈА НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК(.PDF формат), и во МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК –КОНТИНУИТЕТ ВО ПРОСТОР И ВРЕМЕ –Колективна монографија, Скопје 2020(.PDF формат) се споменува, како своевидно потполнување на темата која ја опфаќаат.

Калуѓер (од грчки - καλός-γηρος - добар старец) .

Кодикот во еден дел е всушност поменик, од каде наведените имиња  се спомнуваат за време на црковните служби – за здравје на живите и  место на починатите во Царството небесно. Пред почетокот на имињата од поменикот напишано е дека истиот ќе се чита на Службата секоја сабота. Тоа потврдува дека имало редовни Богослужби, покрај неделните, кога по преданието се собирале на Литургиите подвижниците од пештерите и испосниците во манастирот Матка.

Литургии се служеле и по барање на верниците, грижливо запишани покрај нивните имиња во кодикот.

Во кодикот се запишани дарови на православни жители од градовите: Кичево, Дебар, Охрид, Костур, Велес, Прилеп, Јанина и др., како и селата од цела околина на Скопје, има и такви кои денес не постојат, или постојат но во нив нема жители христијани. Според записите во кодикот населението во Скопје се делело на властела и народ. Евлија Челебија во 17 век опишува „населението на Скопје се состои од трговци, земјоделци, занаетчии и учени луѓе“. Властелата била главно од православни христијани и се смета дека тоа придонело животот во манастирите во Скопската околина да не замре дури и по векови под Турците. 

Основна причина е секако правилниот духовен живот на монасите, поставен на темелот на аскетско-исихастичкото предание. Оттука доаѓа и почитта на населението кон монасите за што Д-р. Ј.Хаџи-Васиљевич пишува: „Името монах многу малку се слуша во Скопската област. Народот ги викал калуѓери и повеќе ги ценел од свештенството. Калуѓерите ги сметал за поучени. Исповедници биле единствено калуѓерите. Нив народот ги ословувал со ‘дедо’ и ‘дуовниче’, а свештениците со ‘оче’ или поретко со ‘дедо попе’. Во манастирите во 19 век имало и по некоја калуѓерка.“

Помеѓу јеромонасите се споменуваат игуменот јеромонах Митрофан, јеромонах Василиј и јеромонах Теодор од Марков манастир, потоа од Крушопек јеромонасите Нестор, Аврамиј, Антониј и Ананиј, јеромонахот Пафнутиј од Охрид, монахот Теодосиј од Призрен, од Шишевски манастир јеромонах Никодим и монах Теодор, јеромонах Силвестер од село Горно Соње. Свештениците кои се споменуваат се од повеќе села и градови: Крушопек, Глумово, Шишево, Добридол, Прилеп, Грачац, Кучевиште, Оризари, Скопје, Матка, Ракотинци, Бојане, Жемирци. Што значи, во тој период манастирот бил доста активен како духовен центар, и со сигурна материјална положба која му овозможувала гостопримство на голем број клирици и верници, кои пак се вложувале себеси во него.

Кодикот се пишувал во континуитет. Еден запис во ракописот сведочи дека тој бил пренесен во Шишевскиот манастир кога игуменот јеромонах Саватиј од манастирот Успение Богородично – Матка преминал во Св. Никола – Шишевски, пред чие опожарување пак, во 1897г. бил пренесен од монахот Харитон во Бигорскиот манастир, за подоцна од таму да биде однесен во Софија.

Јеромонах Кирил Пејчиновиќ. Ракописна збирка.

И според народното предание присутно сред локалното население, во овој манастир, веројатно заради поволната местоположба, имало голем број калуѓери и свештеници. Постојано се негувала книжевна дејност, постоела манастирска библиотека, чии книги биле користени во неговите рамки, но честопати позајмувани и носени во околните манастири, и пошироко.

Сопственост на манастирот бил ракописен Минеј за април, кој датира од 15-16 век, пишуван на хартија, и содржи 113 листа. Ракопис на манастирот Матка бил и еден Октоих, во кој има запис од 1687 година. Во записот се споменува дека таа книга во времето на владиката Естимиј и духовникот Антониј била поклонета на манастирот Света Богородица на реката Треска, од страна на браќата Андреја и Стојан ковач.    

Пентакостар, во ракопис,  од  1488г.,  бил користен при богослужбите во манастирите на Матка, кои често функционирале како една заедница, останал во манастирот најверојатно по 1801 година, до 1909 година. Пишуван е од двајца книжевници, од кои е познат вториот – монахот Евстратиј.

Од внатрешната страна на  задна корица стои затписот од  о.Кирил Пејчиновиќ, во 1801г, игумен на Марковиот манастир, со негов потпис.

Да се знае дека во лето 1801 од Христа, дојде еден грешен калуѓер, што беше игумен на Марков манастир, што беше од Долни Полог од Теарце, што го викаа поп Кирил, повелам дека спроти гревовите негови немаше дел ни во калуѓерството, ни во игуменството, туку само името му беше, а добродетели ни малку немаше, туку вие браќа и отци речете- Христе Боже прости и упокој ја душата на грешниот Кирил јеромонах,  мене спомнете ме и себе чувајте се од грешење,  да мојата душа, и вашата, и сите христијански души што се претставиле во Шишево и на секое место, да ги всели Христос во царството свое, амин.

„Кирил Пејчиновиќ е еден од нај-истакнатите македонски црковни дејци во времето на преродбата. Роден е околу 1770/71 година во тетовското село Теарце; учи во соседното село Лешок и во Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“ кај истакнатиот црковен и просветен деец Јоаким Крчовски.

Својот монашки живот го започнува во манастирот Хиландар и Кичевскиот манастир „Воведение Богородично – Пречиста“.

Од 1801 до 1818 година е игумен на Марковиот манастир „Св. Димитриј“; во 1818 година се враќа во родниот крај, го обновува Лешочкиот манастир „Св. Атанасиј“ и во него останува до крајот на својот живот (12. 03. 1845).

За време на своето игуменување во овие македонски манастири, Пејчиновиќ успеал во нив да формира богати библиотеки со старословенски ракописи и старопечатени црковни книги. Собирајќи ги овие книги од запустени цркви и манастири, тој  фактички спасил од пропаѓање книжевно културно наследство од исклучителна важност за историјата на нашата црковна книжевност и писмена традиција. Во библиотеките на Марковиот и Лешочкиот манастир се нашле повеќе пергаментни ракописи, како и ракописи во коишто се зачувани преписи од литературни дела на св. Климент Охридски и на други средновековни црковни писатели.

(…академик Ѓорѓи Поп-Атанасов)

Монах Авксентиј. Монашки конак.

На Пентикостарот кој најверојатно во 1801г. бил донесен од Шишевскиот манастир има натпис од монах Авксентиј во 1846г., во кој самиот напишал дека потекнува од Старо Нагоричане и во 1801г. дошол во манастирот Матка, кој тој го нарекува Богородица Троеручица (најверојатно според иконата на Богородица – Троеручица, која и денес се чува во манастирот). Истиот монах се споменувал и во натпис во една од собите на денешните конаци од 1851г. Во 1830г. познато е дека игуман на манастирот  бил јеромонах Ананиј, но во последната посета на Ј.Х.К.Џинот во 1854г. останат бил само монахот Авксентиј „кој едвај го одржувал манастирот“.

Манастирот го посетил патријархот на Пеќката патријаршија Арсениј IV, во 1716 година, тогаш архиепископ, кој подарил ленен антиминс со зелени краеви на манастирската црква.

Веќе во 1857г. се споменува јеромонах Арсениј, а последен игуман пред 1900г. е јеромонах Саватиј. 

Иконостас и икони од XVII-ти до почеток на XX-ти век.

Иконата на Пресвета Богородица со Христос која е дел од иконостасот од XVIII век, на барање на верниците кои имаат изградено молитвен однос кон Пресвета Богородица, почитувајќи ја оваа нејзина икона, е повторно вратена, и денес се наоѓа во црквата на посебно постолје со плитка резба.

Иконата според извештај на заводот за заштита на споменици и култура на град Скопје нема голема вредност. Нејзината вредност за верниците, за сите нас, како икона на Пресвета Богородица, заштитничката на нашиот манастир и градот Скопје, Македонија, е огромна.

Во времето на престојот во манастирот Успение на Пресвета Богородица-Матка, на свети Гаврил, епископот Велички,  неговиот татко монах Кирил по едно искушение, и молитва пред иконата, се удостоил да добие утеха од Пресвета Богородица и видел светлина од нејзините очи. На самата икона има  траги од солзи.