Фрескопис. Црква Успение на Пресвета Богородица, Матка

Фреските во манастирот Матка припаѓаат на охридската сликарска школа од крајот на 15 век .Фрескописот езавршен во 1497г. Овде за прв пат се забележани фрески од таа школа прилагодени во простор од типот на збиен впишан крст. Во колоритот доминира темно-црвена атмосфера разбиена со отворенозелена, окер (жолт и блед), маслинава и сива боја.

Сликарската програма, ни ја пренесе во целост, м-р Јехона Спахиу, за што ѝ благодариме.

Куполна програма

Куполна програма – во темето на куполата веројатно се наоѓала претставата на Христос Пантократор, која денес е наполно оштетена. Околу неговата претстава е Божествената/Небеската Литургија, а на тамбурот меѓу прозорците се прикажани по двајца пророци, вкупно осум. На четирите пандантифи е насликан по еден евангелист. На површините меѓу пандантифите се насликани ангели, а на источната страна е св.Риза (Убрус). Во темето на источниот свод (над олтарскиот простор) е Христос од Вознесението, додека, пак, на западниот свод е Приготвениот престол/Хетимасијата.

Олтарски простор

Во конхата е Богородица со малиот Христос прикажан во цветна чашичка, под оваа претстава е Причестувањето на апостолите. Во првата зона е Литургиската служба на Архијереите, Свети Василиј Велики и Свети Јован Златоуст, на Христос–Агнец (жртва). Во тесните ленти лево и десно од конхата се насликани архангелот Гаврил и Богородица од Благовештението. Под нивните претстави се прикажани светите столпници Симеон и Данило. Во нишата на проскомидијата е прикажан архиѓаконот Стефан, а во ѓакониконот е Роман Мелод. Во нишата на јужниот ѕид е насликан св. Кирил Философ, а на спротивниот (северниот) ѕид е прикажан неговиот ученик св.Климент Охридски. Под допојасната претстава на св.Климент е претставена визијата на св. Петар Александриски.

Свети Климентовиот лик тука е насликан како архереј со полиставрион и омофор со крстови. Претставен е со високо чело, со малку коса со залисоци, испакнати јаболчници и густа, долга и проседа брада. Со десната рака благословува, а со левата држи затворено евангелие. Неговиот учител св. Кирил Филозоф е насликан со капа со крстови. Сликарот на портретот на св. Климент Охридски сигурно припаѓал на сликарската работилница што порано работела во архиепискиот град и која добро ги познавала основните белези на неговата физиономија. Ова повторно зборува за  фактот дека стилските особености на фреските од Матка само го потврдуваат нивното охридско потекло. Портретот на св. Климент спаѓа во ретките претстави зачувани на подрачјето на Скопје, заедно со оние во Свети Андреј и во Марков манастир, што го зголемува неговото значење. Свети Климентовиот портрет е постојано присутен и во другите цркви во Македонија. Истиот го има и во Света Софија, Канео, Перивлепта и др.

Во најгорниот дел, лево и десно од прозорот се две сцени од животот на Богородица: Раѓањето и Воведение во храм. На плитките пиластри било прикажано Благовештението, денес е сочувана само фигурата на Богородица на јужната страна. Подолу избледени фигури, веројатно свети воини, а лево и десно од вратата биле прикажани светите апостоли Петар и Павле. Над вратата се двете Божји раце, со едната подава свиток, со другата Евангелие кон апостолите.

Велики празници

Започнуваат со Благовештението (на источниот ѕид), потоа следните сцени се претставени во највисоката (трета) зона на јужниот ѕид – од исток кон запад: Раѓањето Христово, Сретение, Крштевање, Лазаровото воскресение и Влегувањето во Ерусалим/Цветници. Преображението Христово кое се случило пред Крштевањето е прикажано на западниот ѕид до Успението Богородично. На северниот ѕид сцените од Великите празници продолжуваат во насока од запад кон исток: Распетие, Мироносици на Христовиот Гроб, Слегување во адот и на крајот од ѕидната површина е долниот дел на Вознесението, каде што се фигурите на Пресвета Богородица и апостолите. На последната сцена, над ликот на Богородица, се читаат зборовите: „Луѓе Галилејци, што стоите и гледате на небо? Овој Исус што од вас отиде на небо така ќе дојде, како што видовте да оди на небо“. Следува Слегувањето на Светиот Дух, композиција сосема ликовно деградирана со сместувањето на тесната површина на триумфалниот лак. Циклусот на Великите празници завршува со Успението на Богородица, кое според стандардите секогаш се претставува на западниот ѕид.

Христовите маки и страдања

Сцените од овој циклус се наоѓаат во втората зона под Великите празници. Циклусот на страдањата по правило започнува со Тајната вечера која се слика во олтарскиот простор, поради нејзината Литургиска основа, кога самиот Христос ја востановил Евхаристијата. Но, во оваа црква циклусот започнува со Миењето на нозете, коешто според кажувањето на евангелистот Јован му предходи, односно се случило пред Тајната вечера. Потоа, следи Тајната вечера во наосот, на внатрешната (источна) страна на пиластерот има две сцени една над друга поврзани со Јуда: Договорот со еврејските старешини и Земањето на сребрениците. Во продолжение на јужниот ѕид е Фаќањето/затворањето на Христос, каде е прикажан Христовиот разговор со војниците, исто според евангелието по Јован, и е вистинска реткост, и Судењето кај Ана и Кајафа. На западниот ѕид е Судењето кај Понтиј Пилат и Миењето на рацете. Циклусот на маките продолжува на северниот ѕид со сцените: Трикратно одрекување на Петар, Ругање/Исмејување Христово и Качување на крст. На источната страна на пиластерот се повторно две сцени една над друга поврзани со Јуда: Враќање на сребрениците и Бесењето на Јуда. Потоа, циклусот продолжува со сцените Симнување од крст, Оплакување и Полагање во гроб.

Допојасно претставени светители

Помеѓу втората и првата зона се наоѓа фриз/лента со допојасни светителски претстави. На јужниот ѕид од исток кон запад: Св. Стефан Нови со иконата на Богородица со Христос во рацете, Св.Кузман и Св.Дамјан, Св.Пантелејмон, Св. м-ци Мина, Виктор и Викентиј, потоа Св. Трифун и Св. Власиј.

Допојасните ликови на архиереите добиле место во западниот дел на црквата, во крупен формат, во северната ниша е насликан Св. Никола, а јужно Св. Атанасиј Александриски. Во најниските делови на потпрените лакови над нив се прикажани помали допојасници- Богородица и Христос на северната страна го благословуваат Свети Никола, додека Св. Сава (1169- 1236г.) и Симеон Немања се заштитнички поставени над ктиторите на јужната страна со што несомнено ја откриваат заштитничката улога што ја имале претци светители во очите на верниците.

Изборот на Свети Никола и Свети Атанасиј, според Гојко Суботиќ може да се поврзе со ктиторите од натписот над вратата:                              

“По волјата на Отецот, поспешението на Синот и со содејствието на Светиот Дух, (во) овој свет и божествен храм на светата Владичица Богородица Приснодева Марија, дојде Милица, и ја затекна црквата откриена, и ја покри црквата, и живописа, соѕида припрата и купи лозје. Спомни ги Господи рабите Свои Тошинко и син му Никола и владеачкиот митрополит господин Атанасиј вo годината 1497.”

На западниот ѕид е Св. Петар Коришки – пустиножител од 13-ти век, Св. Христофор, Св. Зосима ја причестува Св. Марија Египетска (453- 530г.) (единствена жена на која и е посветена една недела од Великот пост, пример за покајание) и Св. Јулита. На северниот ѕид: Св. Кирик, Св. Недела, трите еврејски момчиња Мисаил, Азариј и Ананиј, па Св. Јаков Персиски и Св. Антониј Велики (татко на монаштвото).

Прва зона на светители

На јужниот ѕид, веднаш до иконстасот е претставена Богородица Елеуса/Милостива, патронот на црквата,  седната на престол со малиот Христос во рацете (неговата фигура е оштетена), а кон нив пристапува архангелот Гаврил со инструментите за мачење. Стигнирана е со Елеуса (милостива). Потоа, е Св. Марко Трачески (270-400г.) – пустиножител, па на предната страна на пиластерот Св. Димитриј, Св. Онуфриј Велики – пустиножител и ангелот Божји облечен во монашка схима како му дава напишан устав и правила на подвижнички монашки живот на Свети Пахомиј (272-346г.). На западниот ѕид, јужно од вратата, насликани се ктиторите на фреските Никола и Милица.

Фактот што Тошинко не бил насликан покрај жената и синот може да се објасни само со тоа што во тоа време повеќе не бил жив. И ознаките крај нивните ликови, испишани во вид на кратка молитва, како со својата разлика да го изразуваат различниот однос спрема обновувањето на храмот: покрај Милица е напишано „Прими, Господи моление раби својеја Милице“, а крај Никола само „Помени, Господи, раба својего Николу“.

Светителските фигури продолжуваат со Светите Константин и Елена, северно од вратата. На северниот ѕид е Света Марина како го убива демонот, Св. Атанасиј Атонски -основачот на првата Лавра на Света Гора во 960 година, потоа пустиножител Св. Павле Тивејски, на предната страна на пиластерот е Свети Георгиј, понатаму Св. Варвара, Св. Петка и Деисис каде Христос е преставен како цар над царевите.

Западна фасада – Интересот го привлекува фреската претставена во тимпанот над влезот, каде е насликана Богородица со Христос в скут, на соседните површини опкружена со пророци.

Покрај највисокиот дел на јужната страна се чита дел од името на Гедеон. Се чини дека Богородица го носела епитетот  Троеручица. Ако се потврди дека Богородица навистина го претставува наведениот иконографски тип- инаку мошне редок – ќе биде необично на ѕидот до иконостасот да биде насликана Богородица стигнирана како Елеуса, а над влезот Троеручицата (Гојко Суботиќ).

Заклучок

Фреските од црквата на манастирот Матка припаѓаат на  уметничката целина на охридската ликовна школа по шеестетите години од XV век. Сродните особини – од чисто техничките решенија, преку иконографските схеми, до одредените стилски квалитети – воспоставуваат видлива врска со стариот центар. За постоечките разлики, пак, меѓу Матка и класичните споменици од охридскиот регион, покрај временската оддалеченот, не е неважна околноста што фреските на Богородичната црква се сместени во простор од сосема поинаков вид. Во охридската уметност не ни е позната ниедна црква од типот на збиен впишан крст, која во XV век добила фрески и чија програма би ни послужила како паралела за Матка. Изделените површини на нејзината внатрешност, релативно мали и комлицирани, создале сосема поинакви услови на сликање, па дури влијаеле и врз нивниот избор.

Изборот на одделни ликови и цели циклуси сигурно упатуваат на нивното охридско потекло. Дури и кога се сосема формални, одделни особини јасно говорат за обичаите  во работењето во одредени центри: светителските допојасници во едноподруго поставените кружни и правоаголни полиња, речиси, редовно ги сретнуваме на спомениците од Охрид и околината.

Повеќе од сè, типолошките и стилските особености на фреските од Матка укажуваат на нивното охридско потекло, особено еден редок детал во начинот на сликањето, преземен од фондот на постарите охридски дела: кај повеќето светителски до сенките на лицата (или и самите сенки) се обоени со црвена, а до осветлените делови има зелена.

За фреските во црквата Успшение на Пресвета Богородица во Матка Гојко Суботиќ во својот труд вели: „Присуството на голем број монаси и испосници, ако се доведе во врска со другите податоци, потврдува дека уште тогаш храмот му припаѓал на манастирот. Селските цркви и кога имале поширок избор на ликови, во начело, не содржеле поголем број на монаси испосници“.