Архитектура. Храм Успение на Пресвета Богородица, Матка

Специфичноста на христијанските храмови од средновековниот период на Матка – често недостапниот терен до нив, зборува за тешкиот начин на создавање и градење на црквите, но од друга старана, пак, укажува на прекрасните услови за основање на манастири и за практикување на монашки живот. Услови кои овозможуваат тихување и непрестајно практикување на Исусовата молитва.

Разгледувајќи ги средновековните манастири, чии храмови се сите возобновени во овој период, се гледа дека речиси секогаш биле одбирани високи, тешко пристапни места.

Mанастирот Матка со храм посветен на Успението на Пресвета Богородица постоел во XIV-ти век. Неколку истражувачи претпоставуваат дека црквата е изградена околу 1337 година од Бојко, син на непознатата властелинка Даница, а врз основа на спомнатиот натпис во црквата свети Никола во Љуботен каде се вели дека во овој период Бојко бил господар на Матка.

Во наосот на црквата над западниот влез се наоѓа сочуван натпис од 1497 година и во него се споменува името на ктиторот Милица која го поправила покривот, ја живописала црквата и доизградила припрата.

Припратата која ја изградила Милица во 1497 година не е сочувана и не е познато кога била срушена. Денес над вратата на црквата сѐ уште се видливи остатоци од фреските кои тогаш биле во внатрешноста на припратата.

Во подот пред олтарот има надгробна плоча на христијанката Марија.

“Зошто се чудите , о луѓе што ме гледате мене во гробот? Знајте дека, исто така, вие ќе бидете но, спомените со вас мили се, помените ме и мене рабина божја Марија, а нарекувана Велислава. Се претстави на 28 септември 1372 година “.

Во овој период во црквата Рождество на Пресвета Богородица во Скопје, имало надгробна плоча, исто на жена. Се претпоставува, дека биле монахињи, или поретко ктитори на самите храмови. 

Црквата има форма на стеснет  впишан крст со едно кубе, кој се потпира на четириѕидна квадратна основа. Куполата лежи врз осмоаголен тамбур носен од масивни пиластри во кои се сместени четири прозорци и четири слепи ниши. Централната апсида на црквата од надворешната страна е тристрана. Прозорците се мали и високо поставени. Фасадите на црквата се украсени со наизменични редови од камен и тула, со што црквата има убав надворешен изглед. Ваквиот објект припаѓа на типот градби од 14 век, врзани за благородничката сакрална архитектура. Co својата архитектурна концепција оваа црква не излегува од рамките на византиската архитектура од овој период.

Во северната фасада на црквата е вградена надгробна стела на која е запишано: Тука лежи ослободеничката Катинија Катини Феста, која живееше 29 (или 40) години. Марко Катиниј Крисп, ослободеник и сопруг на најпочитуваната се погрижи да го направи (споменикот). Тие биле робови на Катиниј, ослободени и во текот на 2-от век се населиле на ова место. Во црквата се вградени и камени елементи од истиот век ( раноримскиот период) и тоа:

Дел од архитраф (горна греда), од бел мермер, вѕидан во северната фасада. Се гледа неговата долна, (некогаш плафонска) страна, декорирана со лисје и попречен балтеус.

Коринтски капител, вѕидан десно од архитрафот.

Рамковно во 6-тиот век, најверојатно под темелите или во близина на денешната црква, била подигната ранохристијанска базилика. Нејзината точна положба без детални ископувања е тешко да се открие, но нејзиното постоење го сведочат камените остатоци од неа вградени во надворешните ѕидови на манастирската црква.

Два меноа (двојни прозорски столба од мермер) од ранохристијанска базилика вѕидани во куполниот тамбур.

Потполно сочуван столб од травертин, вѕидан во јужниот ѕид на црквата, долг 185,5м.

Два дела од еден олтарен столбец, украсен со кантарос (путир) со ластарка која формира шест кружни полиња во кои гледаме 4 ранохристијански крста, тролисно дрво и шестолисна розета.

Дел од олтарен столбец со декорација на преплетени ромбови.

Мал олтарен четирилистен капител вѕидан во северната фасада, долу.

Сите наброени камени елементи потекнуваат од ранохристијанска базилика.