Манастирски Типик
Типикот на манастирот е по угледот на Светогорските манастири, аскетско-исихастички, втемелен на Исусовата молитва.
Сестринството денот го започнува во раните утрински зори со собирање на краток синаксис, на којшто се читаат кратки поуки од свети отци, како подготовка за келијното молитвено правило, се до започнувањето на дневните послушанија. Сестрите за време на послушанијата го негуваат молчанието и постојаното кажување на Исусовата молитва.
Манастирот оформи работилница за изработка на свештени одејанија, од владички,свештенички, ѓаконски одежди, до комплетно облекување на една црква.Од монашки ракоделија застапени се правењето на мацерати (инфузирани масла), креми, ликери, слатка, оплеменување на шолји и кадилници, торби, разделници и врамени везови со стилизирани византиски орнаменти и народни шари, како и плетењето на бројаници. Одржувањето и уредувањето на конаците и манастирските дворови е едно од послушанијата на сестрите.
Сите богослужби се совршуваат во параклисот посветен на свети Григориј Палама и свети Наум Охридски кој се наоѓа во конакот, додека Литургиите во неделите и за големите празници се служат во манастирската црква посветена на Успение на Пресвета Богородица.
Посетителите и гостите ги пречекува сестрата гостоприемник, која срдечно ги прима и сослушува, сочувствува како во нивните таги и неволји така и во нивните радости и победи. Преку неа може да се запознаат со историјата на манастирот, да ги видат манастирските ракоделија, да побараат молитвена помош за себе и своите блиски, како за живи така и за упокоени.