Монашки конак.Манастир Успение на Пресвета Богородица - Матка

Монашкиот конак – старите манастирски конаци, се претпоставува дека е изграден во XIX-ти век, кога биле изведени извесни поправки во сводот на црквата. Постоел запис во соба од конаците:

“Во тоа време беше Аксентиј монах 1851 месец септември ден 10 да се знае дека Илија Станоев направи одаја за здравје и спасение, амин.“

Монашки конак

Монашкиот конак е играден во форма на скратена буква П, имајќи ја во централно место црквата посветена на Успението на Пресвета Богородица. Обновуван е повеќепати. Надворешниот ѕид кој гледа со најдолгата страна кон север е целосно граден со камен во висина на двата спрата. Внатрешниот зид на долниот спрат-во смисла на близина кон внатре до црквата е исто граден комплетно со камен. И обата се со дебелина од неполн метар. Внатрешната страна на горниот спрат е со плитар и кал, изолација е воздухот. Со скалила од две страни поврзан со приземјето, централно, по целата внатрешна должина на конакот се простира чардакот, во кого тогашните неимари ги употребиле многу добро своите вешти изведби. Истиот денес е застаклен и е своевидна галерија и летен простор за творење на монашките послушанија.

Параклис на Свети Григориј Палама и Наум Охридски

Од самото основање на сестринство при манастирот во 1998-ма година, сите богослужби, освен Литургијата, сестрите ги одржуваат во параклисот на свети Григориј Палама и свети Наум Охридски кој е тогаш основан во склоп на монашкиот конак. Во 2000-та година, кога во црквата е поставен новиот иконостас во плитка резба, со нови икони, стариот иконостас од XVIII век се вклопува во параклисот.

Трпезарија

На приземјето, од десната страна на црквата е трпезаријата. Со благослов на архиепископот Стефан, од зографската тајфа Св.Апостол Лука фрескописан е источниот ѕид со фреска на Пресвета Богородица на престол -заштитничка на манастирот, а од нејзините две страни се фреските на свети Никола и свети Андреј – созаштитници на Матка, покровители на двата  манастири -Шишевски и Андреаш.

Покрај портетите на Архиепископите Доситеј, Ангелариј, Михаил и Стефан, се фреските на Свети Павле, цар Јустинијан, Свети Кирил и Методиј, Свети Климент и Наум, Свети Јоаникиј Ракотински и Свети Гаврил Велички, сите дело на Малка Конеска.

Просторија за синаксис и за гости

Челно спроти црквата е гостоприемната, која често има намена за синаксис. При реновирањето се споени две соби за да се добие потребниот простор. Обновувањето со благослов на Покровителката на манастирот, e со несебичен влог на сите мајстори, според нивни предлози и решенија, со особена радост.  На самото завршување на оплеменувањето со дрвената гарнитура, верници подарија икона на Пресвета Богородица со Богомладенецот. Тие неколку месеци порано, ја порачале кај иконописец – реставратор. 

Галериа

Галериа -е просторот од конакот во кој се изложени дел од свештените одејанија кои се изработуваат во манастирот, а во дел се изложени останатите производи, плод на монашките послушанија, како од овој така од другите манастири, и од верници кои ги негуваат старите занаети.

Се наоѓа во крилото на конакот лево од црквата. 
Дел од производите може да се видат и порачаат во е-продавничката.