Кодикот на манастирот Матка е мал ракопис, кој содржи 49+1 листа.
Даден е вовед кој е карактеристичен за повеќето кодици и во кој се вели дека црквата е подигната со труд и љубов..
Во него се споменати сите кои помагале и барале молитвено застапнишво пред Бога.
Содржи и делови од утрена служба
Кодикот на манастирот Успение на Пресвета Богородица, Матка
Своина на манастирот Успение на Пресвета Богородица-Матка бил Кодик којшто се наоѓа во Софиската Народна библиотека. Ракописот во својот основен дел настанал во шеесетите или осумдесетите години на 16 век, а во подоцнежните периоди бил постојано надополнуван. Во кодикот има и записи од 17-18 век, коишто од првичните се разликуваат по писмо, јазик и содржина.
Кодикот навистина носи подоцнежни датуми на впишување (1564 – 1580г.) мeѓутoa, секако, станува збор за препис од постар оригинал што подоцна бил дополнуван. Врз неговиот основен дел работеле тројца пишувачи: јеромонах Евстратиј, монах Никодим и Азариј. Тоа го дознаваме од записите на самиот ракопис кои ги оставиле истите за својата работа.
Кодикот на манастирот Матка е мал ракопис, кој содржи 49+1 листа.На првиот лист даден е вовед кој е карактеристичен за повеќето кодици и во кој се вели дека црквата е подигната со труд и љубов. Се спомнуваат садовите за служење (златни и сребрени), икони (со сребро и злато украсени) и книги (со и без окови)…И сè што е наведено во Хрисовулот и Законикот на светите ктитори (документ, кој нам не ни е познат)…
На внатрешната страна од корицата има неколку записи. Во еден од нив се споменува архиепископот Охридски Прохор. Постои само еден архиепископ Прохор помеѓу Охридските архиепископи кој бил на тронот од 1528-1550г. (7 години пред повторната активност на Пеќската патријаршија, по декрет на султанот Мехмед Селимович и потпаѓањето на Скопската епархија под неа).
Кодикот во еден дел е всушност поменик, од каде наведените имиња се спомнуваат за време на црковните служби – за здравје на живите и место на починатите во Царството небесно. Пред почетокот на имињата од поменикот напишано е дека истиот ќе се чита на Службата секоја сабота. Тоа потврдува дека имало редовни Богослужби, покрај неделните, кога по преданието се собирале на Литургиите подвижниците од пештерите и испосниците во манастирот Матка.
Литургии се служеле и по барање на верниците, грижливо запишани покрај нивните имиња во кодикот.
Во поменикот на кодикот се наведени и митрополитите високопреосветени – Герман, Матеј , Јован и Атанасиј „митрополит скопски“. Иако не е наведено, се претпоставува дека како и Атанасиј и останатите се скопски митрополити. Митрополитот Матеј Скопски се споменува во натпис на крштален купел во Марков манастир, 1394г, а се упокоил 1428г.
Покрај митрополитите се наведуваат имињата на јеромонаси, 11 јеромонаси од манастирот Матка, како и од Охрид и од Марков манастир, монаси, монахињи, свештеници, а потоа и имиња на многубројни верници.
Направена е и календарска таблица од јеромонах Евстратиј. На л.45 се нацртани два квадрати дијагонално поставени, кои се наоѓаат во два концентрични кругови, а во нивната средина има крст со што се создаваат четири полиња на кои пишува ИС ХС – НИ КА. Во четирите полиња од пресекот на двата квадрати има имиња на евангелистите, а во едно од останатите дванаесет полиња кои се создаваат читливо е само името Павле.
На крајот од кодикот, напишани се избор и делови од молитви од утрената служба.
Во ракописот постојат многу записи кои се однесуваат на даровите и прилозите на поклониците за манастирот.
Во кодикот се запишани православни жители од градовите: Кичево, Дебар, Охрид, Костур, Велес, Прилеп, Јанина и др., како и селата од цела околина на Скопје, има и такви кои денес не постојат, или постојат но во нив нема жители христијани.
Според записите во кодикот населението во Скопје се делело на властела и народ. Евлија Челебија во 17 век опишува „населението на Скопје се состои од трговци, земјоделци, занаетчии и учени луѓе“. Властелата била главно од православни христијани и се смета дека тоа придонело животот во манастирите во Скопската околина да не замре дури и по векови под Турците. Основна причина е секако правилниот духовен живот на монасите, поставен на темелот на аскетско-исихастичкото предание.
Почитта на населението кон монасите ја опишува д-р. Ј.Хаџи-Васиљевич: „Името монах многу малку се слуша во Скопската област. Народот ги викал калуѓери и повеќе ги ценел од свештенството. Калуѓерите ги сметал за поучени. Исповедници биле единствено калуѓерите. Нив народот ги ословувал со ‘дедо’ и ‘дуовниче’, а свештениците со ‘оче’ или поретко со ‘дедо попе’. Во манастирите во 19 век имало и по некоја калуѓерка.“
Помеѓу јеромонасите се споменуваат игуменот јеромонах Митрофан, јеромонах Василиј и јеромонах Теодор од Марков манастир, потоа од Крушопек јеромонасите Нестор, Аврамиј, Антониј и Ананиј, јеромонахот Пафнутиј од Охрид, монахот Теодосиј од Призрен, од Шишевски манастир јеромонах Никодим и монах Теодор, јеромонах Силвестер од село Горно Соње. Свештениците кои се споменуваат се од повеќе села и градови: Крушопек, Глумово, Шишево, Добридол, Прилеп, Грачац, Кучевиште, Оризари, Скопје, Матка, Ракотинци, Бојане, Жемирци. Што значи, во тој период манастирот бил доста активен како духовен центар, и со сигурна материјална положба која му овозможувала гостопримство на голем број клирици и верници, кои пак се вложувале себеси во него.
Кодикот, но и народното предание присутно сред локалното население, сведочи дека во овој манастир, веројатно заради поволната местоположба, имало голем број калуѓери и свештеници. Постојано се негувала книжевна дејност, постоела манастирска библиотека, чии книги биле користени во неговите рамки, но честопати позајмувани и носени во околните манастири, и пошироко.
Кодикот се пишувал во континуитет. Еден запис во ракописот сведочи дека тој бил пренесен во Шишевскиот манастир кога игуменот јеромонах Саватиј од манастирот Успение Богородично – Матка преминал во Св. Никола – Шишевски, пред чие опожарување пак, во 1897г. бил пренесен од монахот Харитон во Бигорскиот манастир, за подоцна од таму да биде однесен во Софија.
Трудови во кои се споменува Кодикот на Манастирот
Пишуван во континуитет, во временски период од 5 века, кодикот на Манастирот Успение на Пресвета Богородица -Матка, е интересен од повеќе аспекти, историски, јазичен, верски.. Во предложените трудови, Славица Николовска, во целост го обработува, а во останатите два се споменува, како своевидно потполнување на темата која ја опфаќаат.
Кодик на Манастирот Матка (.pdf верзија) – Кликнете за .PDF верзија на дел од зборникот во кој е објавен Кодикот во целост од проф.Славица Николовска
За потеклото на презимињата…
“Во кодикот на манастирот Св. Богордица во Матка е регистрирана жената, чие име и презиме гласат Божана Поповска (А. М. Селищев 1933: 35).Овие, иако скудни, податоци даваат драгоцени и мошне важни информации за никулците на женското презиме во Македонија, чиј зародок е многу понапред од времето во кое имаме стабилизирана антропономастичка категорија презиме, и тоа во услови на еден изразито остар патријархален општествен контекст”
Академик Блаже Коневски,во анализата на записите во кодикот на Манастирот Успение на Пресвета Богородица -Матка, го споменува губењето на буквите „л“ и „х“- во голем дел од зборови во кои претходно се употребувале. (Пример: Тетово-наместо Техтово, како што порано се сретнувало)