Историја.Монаштво. Манастир Успение на Пресвета Богородица, Матка

Највредното богатство на една земја се нејзините жители. Секој еден човек, чија душа Бог ја создал вечна и вдахнал дух на живот во неа е бесценето вреден.

Вредност на човековиот живот дотолку повеќе му дал Самиот Господ. Испратен од Отецот, се воплоти неговиот Син Господ Исус Христос и умре на крст „за ние да живееме“. И го испрати Светиот Дух Господ за да биде со нас до крајот на вековите.

Бог Света Троица им се откри на луѓето. Прв нè возљуби. Ни ја откри Божјата Правда, откри како да живееме. А како го стори тоа? И со пример и со слово и со поткрепа во Светиот Дух. Господ Исус Христос ни покажа и рече: Јас Сум Патот, Вистината и Животот.

Нашиот живот е во Христа. Тоа е неговата единствена Смисла. („Вистина, вистина ви велам: кој верува во мене има живот вечен.“ -Јован 6,47))

Монаштво

Вистинското богатство на Матка се нејзините жители, монаси, испосници. Незнајни молитвеници за сите нас пред Бога. Мала – но света гора.

За жал, живеејќи во тихување (исихија), подалеку од очите на светот, поблиску до Бога, не оставиле зад себе, овие жители на Матка, податоци за својот, во Христа, живот.

Пештерните цркви, остатоците од испосничките ќелии, манастирите, немо сведочат за нивното престојување  на Матка. Останале само имиња на монаси во помениците, и имиња на игумени кои ставајќи потпис на расписките, значи не–намерно, оставиле сведоштво за себе. Од испосниците од целата низа испоснички келии на потегот Свети Андреј – Света Недела, познато е само името на отец Геласиј, запишано под една фотографија од неговата ќелија. Уште, од сите овие жители – монаси на Матка, останал само еден гроб на монахот Серафим. Починал за време на втората светска војна, или набргу по неа од заразна болест, која ете му го зачувала недопрено гробното место.

Нивните имиња му се знајни на Бога.Нивниот живот е животот на првите христијани и на монасите низ вековите до денес.

За овој живот поучувал Самиот Христос, го проповедале првите апостоли. Го предавале исихастичкото предание.
Тоа предание е непроменливо. Секој од светите отци, според својот стил на изразување, пишувал за него, но сите тие, истото, го живееле.

Пишувајќи за него, ние пишуваме за животот на монасите на Матка. 

Исихастичко предание

Монашкото, аскетско-исихастичкото, теолошко предание низ вековите се занимавало со различни теолошки предизвици, но сепак неговото темелно вдахновение како и неговата крајна цел останале исти: човекот, создаден според образот Божји, како личност, како теоцентрично и христолошко битие, нормално и природно може да живее, пред сè, во слободна и љубовна заедница со Бог во Богочовекот Исус Христос. Богочовекот Христос, според Светото писмо и според Светите Отци, е алфа и омега, Он е почеток средина и крај или цел на човекот. Христос, како причина и цел, е суштина на човековиот живот, пат на човековото спасение и вистинско човеково остварување. 

Оваа богонасоченот не го отуѓува човекот од самиот себеси и од околината, не ги негира човекот и неговата самостојност и неговото остварување како личност, туку напротив – само Богочовекот Христос и заедницата со Него, во благодатта на Светиот Дух, го прави човекот човек. Само благодатната заедница со Христос му овозможува вистински однос на човекот со Бог, со самиот себеси, со своите ближни и со сè создадено. Ова е опис на човековиот природен живот.

Слободни и љубовни личности

Целото предание на Црквата или Самиот Господ Богочовекот Исус Христос како Глава и Црквата како Тело Негово (како благодатна заедница на сите Свети во Светиот Дух); Светите Тајни, а пред сè Светата Евхаристија, како света Сетајна, и светите добродетели на Црквата; Светото Писмо на Новиот Завет како книга на црковната заедница; светите Вселенски Собори; светите Канони и делата на светите Отци; светите храмови, како и фреските и иконите во нив, итн. – односно сето тоа што значи воплотување на Синот Божји и последиците од тоа воплотување, дадено ни е со само и само заради една и единствена причина: духовно, благодатно да растеме во Богочовекот Христос, да го развиваме нашиот личносен однос и личносната зедница со Него и да се оствариме како слободни и љубовни личности достигнувајќи ја висината на возраста на растот Христов, а истовремено меѓусебе да оствариме онтолошка заедница според икона и подобие на Света Троица – Отецот и Синот и Светиот Дух („како што си Ти, Оче, во Мене, и Јас во Тебе; па така и тие да бидат во Нас едно“ – Јован 17,21).

Живо срце на Православната црква

Овој специфичен начин на живот и подвиг, наука и уметност на духовно живеење, чија цел е човековото исцеление и восовршување како личност, односно обожение, низ историјата, најдоследно и единствено е сочуван и пренесен (и теоретски и практично)  во Православната црква, и тоа пред сè (скоро исклучиво) во нејзините манастирски монашки заедници.

И, ова црковно предание се пренесува личносно, од личност на личност, од учител на ученик, од духовен отец на духовно чедо. Старец Софрониј вели: „Духовното очинство, дар на Светиот Дух е живо срце на Православната Црква. Тоа е златен синџир на преданието, кое нè потсетува дека Христијанството не е книшка религија, туку откровение на тајната на личноста.“

Светите отци, монаси, честопати го потенцираат фактот дека севкупниот духовен живот на човекот се одвива во совршен ред и хармонија. За нив, духовниот живот не е нешто случајно, нешто хаотично, нешто што може како било, туку во духовниот живот постои еден препознатлив и совршен ред кој не може ни малку да се пренебрегне. 

Три степени на развој на личноста

Постојат три степени (етапи) во духовниот развој на една личност, кои тие ги именуваат како очистување на срцето од страстите, просветлување на умот и обожување на човековата личност. На секој од степените од духовниот развој му соодветствува одреден  вид на молитва и тоа: на првиот степен – усна или умствена молитва, на вториот степен – умносрдечна молитва, а на третиот степен – непрестајна умносрдечна молитва. На секој од степените се пројавува и соодветна благодат, која тие ја нарекуваат: очистителна, просветлувачка и обожителна.

Следувателно, на секој од овие три степени се одвива и одреден, специфичен и различен за секое ниво, духовен однос на духовното чедо со духовниот отец, кој зависи и од тоа на кој степен се наоѓа секој од нив. Овој однос е динамичен: преминува од еден квалитет во друг; се менува и се преобразува.  Односот помеѓу духовниот отец и духовното чедо е еден од клучните елементи во духовноста на православното Предание.

Послушноста

Според светогорското монашко предание, во односот со духовниот отец монахот треба да биде во целосрдечно, апсолутно послушание особено на почетокот, кога е на првиот степен, на степенот на очистување. Главната болест на човекот се наоѓа во неговиот ум и разум, односно во неговата суета, гордост и високо мислење за самиот себе. Затоа основна добродетел во манастирот, основно барање што се поставува пред оној што ќе дојде во манастир е подвигот на смирението: да го стави слободно и своеволно својот ум во послушание на друг; да го потчини својот ум под умот нa својот духовен отец.

Молитвата

Молитвата, како Света добродетел, а особено умносрдечната молитва, има посебно место во градењето на личносниот однос со Бога, така што без неа, тој однос не би можел ниту да се замисли. Молитвата, наједноставно кажано, е дијалог што човекот го води во заедница и единство со Бога.

Господ ни ја даде заповедта да Го љубиме Бога со сето срце, со сиот ум, со сета душа. Можно ли е да Го љубиме без молитвата?… Старец Силуан ни одговара-  Оној што го љубиш на него мислиш, за него зборуваш, со него сакаш да бидеш.

Учењето за Исусовата молитва само со личен опит се осознава и се проверува.

Колку повеќе човекот се труди да биде со Бога преку еден ваков молитвен подвиг дотолку повеќе Бог му дава тој молитвен дијалог да биде поквалитетен и попостојан. Знаеме за повеќе нивоа на квалитет во молитвата и тие се точно забележани и пренесени од Отците. Она што Бог на крајот му го дава на подвижникот како молитва – а што е многу редок дар – е непрестајната умносрдечна молитва, кога се случува и покрај тоа што подвижникот зборува, чита, размислува, јаде, работи, спие…, молитвата во неговото срце непрестајно да тече.

Секој подвижник своето лично преобразување во Црквата преку умносрдечната молитва го доживува соборно, како подвиг со сите свети и како почеток на преобразувањето на другите луѓе и на целиот свет. Секој монах којшто ја кажува Исусовата молитва знае дека е тоа молитва за спасение на сите луѓе. Само во тој Дух Бог и ја прима оваа молитва. 

Светила

Обновата и заживувањето на монашкиот живот и денес, како и секогаш, во основа се темели врз обновената пракса на евхаристискиот и исихастичкиот живот во парохиите и манастирите.

Преданието за Исусовата молитва во Македонија, во Матка како нејзин неодвоив дел, никогаш не престанало, од апостолски времиња до ден денес.

И иако знаеме дека пламенот на Исусовата молитва непрестајно горел во срцата на молитвените тихуватели, во срцето на живото светоотечко предание, тој во одредени моменти мошне интензивно се разгорувал.

Континуитетот на аскетско-исихастичкото предание во Матка, Македонија ќе го следиме токму преку тие личности, светила, кои подготвени да се одречат од себеси и да се жртвуваат себеси за Бог и своите ближни, го сведочеле и проповедале Христа на ова тло, пламтеле за и денес да светлат.

И уште, да не заборавиме, секој дар преку Неа го добиваме, особено дарот на умносрдечната молитва (непрестајна Исусова молитва во срцето). Нејзиното Име со умиление срцата ги исполнува- –Богородица и Секогаш дева Марија.