Ранохристијанство. Манастир Успение на Пресвета Богородица, Матка

Обновата и заживувањето на монашкиот живот и денес, како и секогаш, во основа се темели врз обновената пракса на евхаристискиот и исихастичкиот живот во парохиите и манастирите.

Преданието за Исусовата молитва во Македонија, во Матка како нејзин неодвоив дел, никогаш не престанало, од апостолски времиња до ден денес.

И иако знаеме дека пламенот на Исусовата молитва непрестајно горел во срцата на молитвените тихуватели, во срцето на живото светоотечко предание, тој во одредени моменти мошне интензивно се разгорувал.

Континуитетот на аскетско-исихастичкото предание во Матка, Македонија ќе го следиме токму преку тие личности, светила, кои подготвени да се одречат од себеси и да се жртвуваат себеси за Бог и своите ближни, го сведочеле и проповедале Христа на ова тло, пламтеле за и денес да светлат.

Во една своја беседа, за неа Свети Григориј Палама говори – “Испитувајќи што му е најпотребно на молитвеникот за да беседи со Бога, по кој пат доаѓа молитвата, Богородица го пронаоѓа свештеното тихување – ‘безмолвие на умот’, оддалеченост од светот, заборав на сè земно и стремење кон Божествените откровенија, избор на ‘подобриот дел’. Открива дека ако умот не се расејува кон земните работи, би можел да се оддаде на подобро и повозвишено дејствување, што значи да се сврти кон самиот себеси: единственото дејствување преку коешто би можел да се соедини со Бога.

…Оние кои така чинат, кои со свештено тихување ги очистиле срцата и на неискажлив начин Му се приближиле на Оној Којшто Е над секое чувство и мисла, во себе како во огледало Го гледаат Бога. Тихувањето е значи брз и директен патеводител, успешен и соединувачки со Бога, особено за оние коишто во сè и потполно го практикуваат. А што да кажеме за Богородица, Која од детството престојуваше во исихија? Молитвено тихувајќи натприродно, од најраните години, Таа токму затоа – не знаејќи за маж – и ја стекна благодатта да Го роди Богочовекот Христос.“

Пресвета Богородица

Богородица со својот пример и опит, со Самата Себеси – му даде засекогаш, на сецелиот преподбен монашки чин образец на собран и внимателен живот на внатрешниот човек, за да можат монасите одрекувајќи се од светот, угледувајќи се на Неа, да ревнуваат во монашките подвизи и умносрдечната молитва, секој според своите сили, но и по молитвите на Пречистата Дева, за да ја следат.

 Богородица плодот на молитвениот живот го покажа уште при самото Благовестие кога смирено  одговори на Архангел Гаврил на веста дека ќе зачне и роди син на Севишниот Бог -„Нека ми биде според зборовите твои“. Едноставно послуша и рече да биде Божјата волја.

 Во дел од нејзиното житие се говори дека сакајќи да го посети Воскреснатиот Лазар – епископ на Кипар, по Божја промисла стасала на Света Гора.

Пресвета Богородица пловела заедно со Свети Јован Богослов кон Кипар, во посета на Лазар. Кога бродот со кој пловеле бил истуркан од бурата надвор од курсот, кон Македонија. На тогаш паганскиот Атос, тие биле присилени да допрат на пристаништето Клемент, во близина на денешниот манастир Иверион. Богородица излегла на брегот. Поклониците на Аполос кои во тоа време биле таму излегле да ја пречекаат, и Богомајката на нивна молба почнала да им говори за Господ Исус. Притоа на сите нив Бог им ги отворил срцата, та посакале веднаш да се крстат и да одат каде Таа ќе им нареди. Апостолите кои патувале со Богородица ги крстиле, а велејќи им да останат на ова место Таа им поставила еден од нејзината придружба за да ги утврди во верата. Пред да појде, ги благословила и изговорила: „Ова место ќе ми биде омилена Градина која ми е дарувана од мојот Бог и Син. Благодатта Божја нека остане на неа и на сите кои тука престојуваат со побожност и кои ги чуваат заповедите на Мојот Син и Му се молат. Неговата милост ќе биде со нив до свршетокот на светот. Зашто, ќе бидам застапничка за ова место и негова топла посредничка пред Синот и  Господ мој.“ Од тој момент планината е посветена на Мајката Божја, како нејзина градина, во која не е дозволено да стапне ниту една друга жена.

Ова е нејзиното последно патување пред Успението, кога по нејзина желба за последен пат ги видела и благословила сите апостоли кои по чуден пат Господ ги собрал во домот на апостол Јован, меѓу нив и Апостолот Павле.

Свет апостол Павле

Светиот апостол Павле- „најмалиот од апостолите“- како што самиот смирено се нарекува, прв проповедал во Македонија.

         Секоја негова проповед се завршува со основање на Црква, со ракополагање на Епископи и свештеници, со создавање на христијанска заедница. Покрај тоа што е проповедник, тој е и учител, пастир и отец. Посланијата на Свети апостол Павле сведочат за неговата непрекината и цврста поврзаност со Црквите кои ги основал. Го загрижуваат поделбите помеѓу христијаните, дава совети и напатствија, ги решава проблематичните прашања, се заканува, опоменува, наредува. Апостолот Павле во полна мера го остварува, живее, идеалот на пастирството, кој самиот го формулирал : „На сите им станав сè, за на секој начин да спасам некого“ . Секој негов напишан збор покажува колку силно чуствувал одговорност за душите, за Црквата, за секој еден од нив – „кои повторно со мака ве раѓам, додека во вас не се вообличи Христос “.

Отец Александар Шмеман за него говори: „ Сите негови поуки, зборови, во крајна линија, се сведувале на едно, основно и неуморно повторување на тврдењето и повикот: „Во Христа“. Во овие два збора содржана е целокупната смисла на Христијанството, дадена е скицата на христијанскиот живот. Верата и Крштението нè соединиле со Христа и сега сите ние живееме во Него, за Него, живееме Негов живот“. Полната мера на тој живот е Павловото „И јас веќе не живеам, а Христос (е) Кој живее во мене“.  Царството Божјо апостолот ни го открива во посланијата како живот на Самиот Христос, даруван на луѓето, Живот кој ги соединува преку Светиот Дух во нераскинливо меѓусебно единство и во единство со Бога.“

Света Лидија

Ширењето на верата на овие простори многу убаво го опишал Александар Мењ во својата книга „Историја на религиите“ :

„Македонија многу се разликувала од сушните земји на Елада или Јудеја со нивните голи предели. Широкиот друм (игнацискиот воено-поштенски пат кој го поврзувал Црното со Јадранското море)  ги водел мисионерите низ дабова и борова шума, преку рекички и ливади, а над сето тоа, во сива магла, се извишувал врвот Пандеја на кого се забележувале првите снежни навеви. Во околните краишта живееле овчари и земјоделци, познати по својата издржливост, смирениот карактер и здравиот ум.

По неколку часови слегле во долината и влегле во Филипи( 49 г.). Павле не мислел да се откаже од поранешната тактика: прво да оди кај Јудејците, но се покажало дека тука немало ниту десетина мажи кои биле неопходни за основање на синагогата, а само мала група луѓе кои исповедуваат јудеизам и која се подготвувала за молитва надвор од бедемите, крај потокот. Тука, под отворено небо, меѓу крајбрежните врби и камења, покрај тивкото заблискување на водата, одекнувал евангелскиот збор, прв што го слушнале жителите на Источна Европа.

Прва во името на Исуса се крстила Лидија. Св. Лука, кој го придружувал апостолот Павле, пишува:„ Господ ѝ го отвори срцето“.

Меѓу овдешните жители, Павле најпосле можел да здивне: се чувствувал како дома. Состојбата во Филипи била многу погодна. За неколку месеци Павле создал цврста општина и ги востоличил нејзините чувари: епископи, ѓакони.

Апостолот во Македонија се задржал 3 години патувајќи и проповедајќи. По неговото заминување грижата за црквите ја продолжил пишувајќи им посланици. Повторно се вратил во Филипи летото 57-та година, каде истото го минал патувајќи низ Македонија и проповедајќи дури и во соседната Илирска зeмја (денешна Албанија).”

Свети маченици

Своето служење големиот Апостол го завршува со сведоштво не само со збор, но и со крв. Пострадал маченички во Рим, кога и апостолот Петар.

Каков период настапува после нив? По нив остануваат малубројни групи луѓе, расеани по светот, кој никој не ги знае и, во почетокот, скоро никој не ги забележува. Сепак не за долго, настапува време на прогон на Црквата. За Христа пострадале, следејќи го неговиот пример илјадници светители, од деца до старци. И пак Апостолот им се обраќа преку своите посланици на христијаните: „ не сметаат за измамници, а ние сме вистинити; за непознати, а добро сме познати; не држат како да сме на умирање, а еве – живи сме; не казнуваат, но не можат да не умртват; не нажалуваат, а ние сме секогаш весели; не сметаат за бедни, а мнозина обогатуваме; како ништо да немаме, а сè имаме.“

Во овој период последните години од животот ги минува во пештера близу Хермелија светиот маченик и епископ Атиохиски- Еразмо. Имал дар на чудотворство, го проповедал Евангелието низ повеќе места во Македонија. Во Охрид го воскреснал синот на некој човек по име Анастас и го крстил. Бил мачен од царот Максимијан, кој тогаш бил во Илирија, и бил затворен. Од затвор го извел Светиот Архангел Михаил како некогаш Апостолот Павле. Заминал во Кампанија, но повторно се вратил во Хермелија. Се упокоил во 303 година. Пештерата со црквичката на Свети маченик Еразмо и денес стои недалеку од Охрид.

По 10 години од неговото упокојување христијанството се признава за религија, во Византија, гонењата престанале.

Жителите на Матка

Регионот на Матка во Римскиот период, административно влегол во рамките на провинцијата Горна Мезија, чиј управно-административен центар, по сè изгледа, бил античкиот град Скупи (кај село Злокуќани). Во пределите на скопско, иако најчесто во близина на градот Скупи, некогаш дедуцираните (пензионирани) војници добивале земја и граделе свои живеалишта. Според археолошките ископувања, тие тука биле закопувани во гробови над кои честопати се издигани надгробни спомен одбележја во вид на стели.

Веројатно најрепрезентативниот стамбен комплекс од раноримскиот период се наоѓал во пределот Долна Матка, каде денес се простира голема населба викенд куќи. Остатоците и трагите од југо-западната периферија на населбата во која живееле и денес може да се забележат северно од школото до под ридот, во самата близина на манастирот.

Во северната фасада на црквата Успение на Пресвета Богородица е вградена надгробна стела на која е запишано: Тука лежи ослободеничката Катинија Катини Феста, која живееше 29 (или 40) години. Марко Катиниј Крисп, ослободеник и сопруг на најпочитуваната се погрижи да го направи (споменикот). Тие биле робови на Катиниј, ослободени и во текот на 2-от век се населиле на ова место.

Во црквата се вградени и камени елементи од истиот век ( раноримскиот период) и тоа:

1. Дел од архитраф (горна греда), од бел мермер, вѕидан во северната фасада. Се гледа неговата долна, (некогаш плафонска) страна, декорирана со лисје и попречен балтеус.

2. Коринтски капител, вѕидан десно од архитрафот.

Смели, но не без основа, се препоставките дека многу рано жителите на Долна Матка го примиле христијанството. До 4-от век кога отпочнала изградбата на првите базилики, христијаните (во Византија) се собирале во градбите кои претставувале собранија и храмови. По изградбата на базиликата тие веќе учествувале во Богослужбите во ранохристијанскиот храм.

Соборите.Свети цареви

Доаѓањето на чело на римската држава на Константин, означило пресвртен момент за христијаните, гонењата престанале, во 313 г. тој и ко-управителот Лициниј во Милано потпишале „едикт“ во кој се признава христијанството како религија. Во 323 г. Константин станал единствен владетел на царството, по што доследно ја спроведувал прохристијанската политика. Основал нова престолнина на Византија- Константинопол.

Царот Теодосиј во 381г. на христијанството му дал статус на државна религија. Македонските цркви биле во надлежност на апостолското седиште во Рим. Скупи, судејќи според остатоците од Базиликата, токму во почетокот на 4-ти век доживеал препород. Во почетокот на 5-ти век изградена е нова христијанска Базилика, обновена по нападите на Хуните.

 Во 412 г. од папата Викентиј е основано епископско седиште во Солун со надлежности на целиот источен Илирик. Прв епископ бил Руф. Во 421 г. царот Теодосиј II усвоил закон според кој судија за сите црковни расправии во Илирик е цариградскиот епископ. Иако овие одлуки повремено се менувале, законот го потврдил во 529 г. царот Јустинијан. На 14 април 535 г. тој ја востановува ахриепископијата Јустинијана прима како автокефална црква со мошне широки територијални принаделжности –ги офаќала просторите на  Мезија и Дакија. Случувањата што следеле не се доволно документирани поради големите пробиви на Словените и Аварите, би рекле инвазија, која сè до крајот на 6-от и почетокот на 7-миот век, предизвикала пропаѓање на црковниот живот во Македонија. Активностите на архиепископијата Јустинијана Прима можат да се следат до 680-681 г. , од кога нема податоци за неа.

Соборите. Ранохристијански базилики - Матка.

Се смета дека како дел од Византиската држава, христијанизацијата и појавата на монаштвото во Македонија, се случувале истовремено со нивното ширење во цела Византија. Веќе во IV-от век христијанизацијата во Македонија била завршена, а појавата на монаштвото се поместува во V-от век. Седиштето на, во овој век, востановената Јустинијана Прима како автокефална црква  било близу скопското село Таор, од каде се смета потекнувал царот Јустинијан.

Со сигурност не може да се потврди токму кога пештерите со кои Матка изобилува започнале да ги населуваат првите монаси, пустиножители, но таа со својата непристапност многу рано станала нивно прибежиште. Со своите три познати базилики од овој ранохристијански период, и остатоци од градежен материјал од градби (едната на пределот каде во средниот век се изградиле мноштво испоснички ќелии) од доцноантички период, Матка – во околината на седиштето на архиепископијата, со сигурност била христијански центар уште од IV-ти век.

Епархиите на Јустинијана Прима подоцна во целост припаѓаат на Охридската архиепископија.

Од овој период во регионот на Матка има остатоци од камена пластика, тули, и друг градбен материјал од базилики, во дел вградени во сите храмови градби кои постојат денес.

Рамковно Во 6-тиот век, најверојатно  под темелите или во близина на денешниот храм Успение на Пресвета Богородица, била подигната ранохристијанска базилика. Нејзината точна положба без детални ископувања е тешко да се открие, но нејзиното постоење го сведочат камените остатоци од неа вградени во надворешните ѕидови на манастирската црква.

Два меноа (двојни прозорски столба од мермер) од ранохристијанска базилика вѕидани во куполниот тамбур.
Потполно сочуван столб од травертин, вѕидан во јужниот ѕид на црквата, долг 185,5м.
Два дела од еден олтарен столбец, украсен со кантарос (путир) со ластарка која формира шест кружни полиња во кои гледаме 4 ранохристијански крста, тролисно дрво и шестолисна розета.
Дел од олтарен столбец со декорација на преплетени ромбови.
Мал олтарен четирилистен капител вѕидан во северната фасада, долу.

Сите наброени камени елементи потекнуваат од ранохристијанска* базилика.