Е-РИЗНИЦА, МАНАСТИР УСПЕНИЕ НА ПРЕСВЕТА БОГОДИЦА МАТКА, VI ВЕК
Доаѓањето на чело на римската држава на Константин, означило пресвртен момент за христијаните, гонењата престанале, во 313 г. тој и ко-управителот Лициниј во Милано потпишале „едикт“ во кој се признава христијанството како религија. Во 323 г. Константин станал единствен владетел на царството, по што доследно ја спроведувал прохристијанската политика. Основал нова престолнина на Византија- Константинопол.
Царот Теодосиј во 381г. на христијанството му дал статус на државна религија. Македонските цркви биле во надлежност на апостолското седиште во Рим. Скупи, судејќи според остатоците од Базиликата, токму во почетокот на 4-ти век доживеал препород. Во почетокот на 5-ти век изградена е нова христијанска Базилика, обновена по нападите на Хуните.
Во 412 г. од папата Викентиј е основано епископско седиште во Солун со надлежности на целиот источен Илирик. Прв епископ бил Руф. Во 421 г. царот Теодосиј II усвоил закон според кој судија за сите црковни расправии во Илирик е цариградскиот епископ. Иако овие одлуки повремено се менувале, законот го потврдил во 529 г. царот Јустинијан. На 14 април 535 г. тој ја востановува ахриепископијата Јустинијана прима како автокефална црква со мошне широки територијални принаделжности –ги офаќала просторите на Мезија и Дакија. Случувањата што следеле не се доволно документирани поради големите пробиви на Словените и Аварите, би рекле инвазија, која сè до крајот на 6-от и почетокот на 7-миот век, предизвикала пропаѓање на црковниот живот во Македонија. Активностите на архиепископијата Јустинијана Прима можат да се следат до 680-681 г. , од кога нема податоци за неа.
Се смета дека како дел од Византиската држава, христијанизацијата и појавата на монаштвото во Македонија, се случувале истовремено со нивното ширење во цела Византија. Веќе во IV-от век христијанизацијата во Македонија била завршена, а појавата на монаштвото се поместува во V-от век. Седиштето на, во овој век, востановената Јустинијана Прима како автокефална црква било близу скопското село Таор, од каде се смета потекнувал царот Јустинијан.
Со сигурност не може да се потврди токму кога пештерите со кои Матка изобилува започнале да ги населуваат првите монаси, пустиножители, но таа со својата непристапност многу рано станала нивно прибежиште. Со своите три познати базилики од овој ранохристијански период, и остатоци од градежен материјал од градби (едната на пределот каде во средниот век се изградиле мноштво испоснички ќелии) од доцноантички период, Матка – во околината на седиштето на архиепископијата, со сигурност била христијански центар уште од IV-ти век.
Епархиите на Јустинијана Прима подоцна во целост припаѓаат на Охридската архиепископија.