Со возобновување на монашкиот живот во манастирот Матка во 1998 год., една од идеите беше да се оформи работилница за изработка на свештени одејанија,( од владички,свештенички, ѓаконски одежди, до комплетно облекување на една црква) за потребите на Македонската Православна Црква и пошироко, која идеја постепено се реализираше до постоечкото ателје кое посериозно почна да работи во 2008 год.
Свештени одејанија
Ателјето е една мала работилница со капацитет од пет луѓе, концептот на работа е правење на богоугодни и што поуникатни и издржани одејанија. Секое ново одејание е еден мал проект, од дизајнирање, везење, кроење, шиење до финален производ. За еден пар одежди некогаш се потребни и по неколку месеци работа. Инспирацијата ја црпиме и се ползуваме од богатата ризница на фрескоживопис и црковната орнаментика како и од автентичните шари од носиите на народното творештво што ја твореле и ни ја оставиле во наследство со векови наназад нашите предци вдахновени од Светиот Дух.
Везени сувенири.Торби. Разделници. Вез во рамка.
Во рамки на ателјето за одежди, како еден мал изданок произлезе и катчето за изработка на торби, разделници и врамени везови. На предлог, на посетители на манастирот со желба за везен сувенир, сакајќи да им ја исполниме желбата, се обидовме богатите мотиви од народните носии, низ кои секаде преовладува крстот како мотив, да ги реафирмираме, и аплицираме на корисни сувенири- торби и разделници.