Матка е мала Света Гора создадена и чувана од Бога, во молитвено застапништво на Пресвета Богородица, место каде живееле испосници, монаси, пустиножители, маченици и светии, и каде духот, оддишката на минатото хармонично ве пречекува во сегашноста.
Таа е место каде преданоста, верноста и жртвата за Љубовта Божја ги откраднала скромните души на монасите кои живееле тука, та денес во нас буди двиг, копнеж по Бога, убавината на осведочената православна вера и оставеното културно богатство.
На секој од поклониците му посакуваме од длабочината на нашите срца, посетата на ова свето место да му го донесе нему и на сите негови ближни Благословот кој само Бог може да го даде.
МАНАСТИРСКО ЖИТЕЈСТВО
Единствениот манастир на Матка во кој континуирано има монашки живот со само мали прекини од по неколку години (главно во 20-ти век) е манастирот Успение на Пресвета Богородица – Матка.
Возобновен е во 1337г. на левиот брег на реката Треска, на нејзиниот излез од клисурата.
Според зачуваниот Кодик кој го воделе монасите, и развиената книжевна дејност, се до 50-тите години од 20-ти век дом е на монашки братства. Има мал период од 20-тина години кога од Хопово доаѓа сестринство. Последните монаси во 70 тите години се монах Кирил и преподобен Гаврил Велички -кој по враќањето од Света Гора, живее во манастирот и низ пештерите во Матка, за време на студиите на теолошкиот факултет. Од 1998г. со благослов на ахиепископот Михаил, во манастирот живее сестринство.
Типикот е по углед на Светогорските- аскетско- исихастички, втемелен на Исусовата молитва: Господи Исусе Христе помилуј ме (не). Исусовата молитва, интимна и лична, никогаш не го одвојувала поединецот од црковната заедница, туку постојано натприродно го поврзувала со неа, бидејќи Христос, кого оваа молитва Го бара во човековото срце, Божественото Име што таа го повикува, може да се пронајде во внатрешноста на срцето во толкава мера колку што човекот преку Крштението и Евхаристијата е вкоренет во телото на Црквата. ( свети Григориј Палама) и уште, да не заборавиме, секој дар преку Неа го добиваме, особено дарот на умносрдечната молитва (непрестајна Исусова молитва во срцето). Нејзиното Име со умиление срцата ги исполнува- -Богородица и Секогаш дева Марија.
СВЕШТЕНИ ОДЕЈАНИЈА
Со возобновување на монашкиот живот во манастирот Матка во 1998 год. се оформи работилница за изработка на свештени одејанија за потребите на Македонската Православна Црква и пошироко.
Инспирацијата ја црпиме и се ползуваме од богатата ризница на фрескоживопис и црковната орнаментика како и од автентичните шари од носиите на народното творештво што ја твореле и ни ја оставиле во наследство со векови наназад нашите предци вдахновени од Светиот Дух.
Ателјето е една мала работилница со капацитет од пет луѓе, концептот на работа е правење на богоугодни и што поуникатни одејанија. Секое ново одејание е еден цел проект, од дизајнирање, везење, кроење, шиење до финален производ. За еден пар одежди некогаш се потребни и по неколку месеци работа.
Лековити производи
Ракоделија
Везени производи
Лековити производи
Ракоделија
Везени производи
МОНАШКИ ПОСЛУШАНИЈА
Сестринството денот го започнува во раните утрински зори со собирање на краток синаксис, на којшто се читаат кратки поуки од свети отци, како подготовка за келијното молитвено правило, се до започнувањето на дневните послушанија. Сестрите за време на послушанијата го негуваат молчанието и постојаното кажување на Исусовата молитва.
Природата ни е дарувана ризница од Бога која изобилува со најразновидни билки, кои правилно набрани, исушени и третирани се вистински лекови за најразлични болести со кои се соочуваме во денешниот современ, динамичен начин на живот
Создавањето дизајни за одеждите, поттикна во нас потреба за учење и проучување на икописот, мозаиците, калиграфијата, фрескописот, ризниците со одежди, но и традиционалните, најчесто македонски, ткаени и везени ризи. Самото тоа во нас роди мал творечки поттик, чиј плод е ова ателје.
РИЗНИЦА
Манастирскиот храм, возобновен во XIV век, има форма на стеснет впишан крст со едно кубе, кој се потпира на четириѕидна квадратна основа. Во надворешниот ѕид на црквата се вградени камени остатоци од ранохристијанскиот период, и од базиликата од 6-ти век над која се смета дека е подигнат.
Христијанските храмови од средновековниот период на Матка се достојни показатели на македонската средновековна историја и уметност, односно на македонското духовно и уметничко наследство. Тие не можат да се споредуваат со ништо од човек создадено, бидејќи надминуваат сѐ во секој поглед, затоа што го симболизираат Царството небесно овде на земјата. Токму затоа, многу често, градителите и зографите избегнувале да ги запишуваат сопствените имиња, знаејќи дека тоа е Божјо дело, дар од Бога, односно дека преку нивните раце самиот Бог создавал.
Монашкиот конак бил изграден во XIX- ти век, кога биле изведени и извесни поправки во сводот на црквата. Постоел запис во една од ќелиите (собите) во конакот:
“Во тоа време беше Аксентиј монах 1851 месец септември ден 10 да се знае дека Илија Станоев направи одаја за здравје и спасение, амин“
Од самото основање на сестринство при манастирот во 1998-ма година, сите богослужби, освен Литургијата, сестрите ги одржуваат во параклисот на свети Григориј Палама и свети Наум Охридски кој е тогаш основан во склоп на монашкиот конак. Во 2000-та година, кога во црквата е поставен новиот иконостас во плитка резба, со нови икони, стариот иконостас од XVIII век се вклопува во параклисот.
Од периодот кога во континуитет е пишуван кодикот на Манастирот Матка постојат повеќе црковнословенски книги во ракопис на кои се оставени записи дека се своина на манастирот Успение на Пресвета Богородица во Матка.
Пишувани се, и ползувани при богослужбите, во периодот од XIV-ти до почетокот на XX-ти век.
Сведоштво се за книжевната дејност на монасите во манастирот, во континуитет од V века, последувајќи по стапките на словенските учители свети Кирил и Климент Охридски, фрескописани во олтарот на црквата.