XX - XXI -ви век. Манастир Успение на Пресвета Богородица, Матка

Обновата и заживувањето на монашкиот живот и денес, како и секогаш, во основа се темели врз обновената пракса на евхаристискиот и исихастичкиот живот во парохиите и манастирите.

Преданието за Исусовата молитва во Македонија, во Матка како нејзин неодвоив дел, никогаш не престанало, од апостолски времиња до ден денес.

И иако знаеме дека пламенот на Исусовата молитва непрестајно горел во срцата на молитвените тихуватели, во срцето на живото светоотечко предание, тој во одредени моменти мошне интензивно се разгорувал.

Континуитетот на аскетско-исихастичкото предание во Матка, Македонија ќе го следиме токму преку тие личности, светила, кои подготвени да се одречат од себеси и да се жртвуваат себеси за Бог и своите ближни, го сведочеле и проповедале Христа на ова тло, пламтеле за и денес да светлат.

Од овој период нема скоро никаква документација за монасите во манастирот, ниту во архивите на Скопје и Македонија, ниту во Скопската епархија. 

Податоците до кои дојдовме се според истражување главно на записите на Богослужбените книги, и по сеќавањата на жителите на Матка, и сите верници кои своевремено биле во контакт со монасите на манастирот.

Свети Јоаникиј Ракотински

Во 1912г. игуман бил јеромонах Петар Тирев

На Минеите (скоро за сите месеци), кои  и денес се користат во Богослужбите забележано е дека се оставени во наследство на библиотеката на манастирот од Јеромонах Симон Петкович кој  се упокоил на 07.06.1914г. Негов собрат и настојател на манастирот бил јеромонах Теофил.

Манастирската библиотека на Матка содржи главно богослужбени книги на кои се оставени записи, потоа расписки, и службени весници од времето на Скопскиот митрополит Варнава.

За митрополитот Варнава се вели дека бил особено монахољубив. Бил духовно чедо на светителот во тоа време -преподoбниот Јоаникиј Ракотински.

Има запис своерачен на една од книгите , од Свети Јоаникиј…

Преподобен Јоаникиј се родил во Охрид, на 7 јануари 1847 година, а на крштението го добил името Јован. Монашки потстриг примил на 17 јануари 1873 година, во манастирот „Свети вмч. Пантелејмон“, Нерези, со името Јоаникиј. Година и половина по замонашувањето преминал во манастирот „Свети Илија“, село Бањани, а во 1874 година останал во братството на Марковиот манастир, за најпосле да се насели во селото Ракотинци и таму да го обнови манастирот „Свети Илија“. Како најобразован во тоа време, во 1896 година подигнал и основно училиште за деца. Живеел во исклучително тешко време, за време на турското владеење, Балканските и Првата светска војна, со тешки искушенија и притисоци, и сенародно страдание. Во 1913 година бил произведен во игумен, а во 1935 година во архимандрит. Се упокоил на 24 јануари 1940 година. (извор МПЦ – ОА )

Руските монаси

Дел од записите пак, не насочија да побараме, кои биле руските монаси кои тука живееле и кои оставиле во наследство книги („Лествица“, „Служба на Свети Сергеј Вороњежски“…) на кои има печати од светогорските руски скитови Свети Андреј  и Свети Илија (основан од преподобен Пајсиј Величковски), од манастирите во Хопово и Кувеждин, како и од Валаамскиот манастир.

Еден запис од Тихомир Јанчовски во неговата книга Монаштвото во Македонија ги опишува условите во кои само во времето на митрополитот Варнава се примени во Скопската епархија околу 250 руски клирици- монаси и свештеници.

„Монасите и монахињите од Русија кои по Втората светска војна останале низ манастирите во Македонија во најголем број тука дошле како дел од т.н. бела емиграција, т.е. во првите бранови бегалци кои уследиле по Октомвриската револуција. Освен нив, руското монаштво на територијата на Р. Македонија во дваесеттиот век го сочинуваат уште две други значајни групи: монасите од манастирот Валаам што биле протерани заради неприфаќањето на новиот календар и руските Светогорци кои во 20-тите и 30-тите години на 20 век ја напуштаат Света Гора и доаѓаат во Македонија. Освен доселувањето на монасите (било валаамци, светогорци или белогардејци) и монахињите, значајно е да се одбележи дека и извесен број Руси мирјани одлучувале да стапат во манастир во Македонија.”

Руските свештеници и монаси во Кралството потпаѓале под јурисдикцијата на Руската задгранична православна црква (РЗПЦ), која била основана 1921 во Сремски Карловци и овој град останува да биде седиште на Задграничниот синод се’ до 1945 г. Паралелно со карловачката јурисдикција, голем број од руските духовници во Македонија добиле и канонски прием во трите македонски епархии во состав на Обединетата српска црква. На самиот почеток на војната, високиот клир на СПЦ се повлекол од Македонија. Јурисдикцијата на РЗПЦ продолжила и во текот на војната, се до 1945, кога седиштето на Задграничниот синод е преместено од Карловци во Њујорк. Руското свештенство и монаштво што било под јурисдикција на РЗПЦ, а останало по Втората светска војна во Југославија, побарало прием во локалните епархии. Руските монаси и монахињи, кои останале во македонските манастири по 1945, ја прифатиле јурисдикцијата на македонските црковни власти.

По болшевичкиот преврат и победата на црвената армија над белите, во првиот бегалски бран, околу 80. 000 Руси нашле прибежиште во Кралството СХС, во чии граници тогаш влегувала и областа на Вардарска Македонија. Се организира помош од Владата, при што бегалците биле населени во десетици центри каде подоцна се формирани првите руски колонии. Такви колонии во Македонија имало две – во Скопје и Битола. Во тоа време, новообединетата Српска Црква чувствувала огромен недостиг од свештенички кадар и монаси. Највисоките достоинственици на СПЦ биле некогашни студенти на руските духовни академии и како такви, биле позитивно настроени кон приемот кој почнале да го бараат стотици руски свештеници и монаси. За време на Првата светска војна, се верува дека загубите на Српската Црква биле поголеми од илјада свештеници и монаси, што сочинувало една третина од активното српско духовништво пред војната. Во епархиите на македонската територија, тогаш епископи станале двајца големи русофили, владиките Варнава (Росиќ) и Николај (Велимировиќ) и токму нивните епархии во Македонија станале расадници на руското монаштво низ Кралството.

Игумените Агеј, Серафим, Наум.

Во македонските манастири, меѓу двете светски војни, доаѓале, престојувале, оттука заминувале или останувале повеќе од стотина руски монаси и монахињи.

Во манастирот Матка од 1928-1933г. игумен бил јеромонахот Агеј, негов познат собрат бил јероѓакон Нил; и двајцата Валаамски монаси кои во 1926г. стапиле во Лешочкиот манастир. Јеромонахот Агеј останал во Македонија и по втората светска војна, во манастирот Свети Пантелејмон каде што и се упокоил.

Средбата со игуманот Агеј, во манстирот св. Пантелејмон во Нерези, ја опишува британката Ребека Вест во својот патепис „Црно јагне и сив сокол“. Меѓудрогото вели – „…за мене беше еден од најдрагите луѓе што ги сретнав во Југославија. Тој е едно малечко суштество кое не знае за грев. Неговите очи, чијшто сјај избива под густите веѓи, брчките на лицето и брадата, не се светли, туку се сушта светлина…Кога го прашавме дали е осамен, рече: Претежно не сум, зошто Бог секогаш е тука.“

Од руските монаси за време на втората светска војна тука старешина бил јеромонахот Серафим, кој се разболел и тука се упокоил.

Во периодот по втората светска војна (со сигурност во 1948г.) старешина на манастирот бил јеромонах Наум, со браќата монах Максимијан и монах Арсениј. Тие во манастирот главно ги чувале болните и ранетите кои ги носеле тука од Егејска Македонија; над манастирот има и гробови од починатите војници, одделно од монашките кои биле околу самата црква; намирници земале од Шишевскиот манастир каде имало монах кој ги одгледувал.

Денес не постои ниту еден стар гроб крај црквата. Војничките гробови над манастирот, иако сосема обраснати сè уште се препознаваат низ густо израснатите лескови дрвца.

Податоци за ова братство има во книгата за приход – расход која се водела во 1948г. Оттаму ги дознавме точните имиња и чинови на сите монаси, а и големите расходи за лекови запишани скоро на секоја страна.

Сестринство од манастирите Кувеждин и Хопово

До кога братството било тука и кога манастирот постанал женски манастир, немаме податоци.
До 1968 година игуманија на манастиот била Евгенија( претходно во ман.Кувеждин). Во 1968 година за игуманија била поставена монахиња Сузана. Во овој период ( иако не може со точност да се потврди кои години) престојувале и монахиња Серафима и монахиња Иларија (од Хопово). Кувеждин и Хопово се два манастира во Фрушка Гора –Србија каде биле прифатени сестринства од Русија, чиј духовен отец бил преемник на последниот оптински старец Амвросиј, и по кои во тоа време Фрушка гора ја нарекувале Света Фрушка Гора.

Игуманијата Евгенија Станимирович со благослов на тогашниот архиепископ Доситеј, кој изразил жалење што не може да и помогне да остане, по прогласувањето автокефалност на Македонската Православна црква, е преместена во манастирот Пакра во Р. Хрватска, каде се упокоила и денес почива.

За животот на игуманијата Евгенија, во разговор 0д 2000-та година за списанието „Пат, Вистина, Живот“, кратко споменува монахињата Магдалена- игуманија на манастирот Света Ана во Р. Хрватска, а која од 1968, кога е замонашена, до 1995 живеела во манастирот Пакра.

„Мајка Евгенија Станимировиќ ме прими во манастирот Пакра. Беше многу побожна, многу читаше духовни четива. Во манастирот во Пакра ние две читавме правило, а на причест одевме во Бјел или доаѓаше отец да не причести. Таа е родена во Сегедин, Унгарија, а кога нејзините биле оттаму протерани, живееле во Бобот и Дард. Оттаму отишла во манастир во Македонија, од каде дошла во манастирот Пакра. Кога се упокои нејзиниот татко, нејзината мајка дојде во манастирот Пакра и се замонаши. Го доби името Софија. И двете се погребани во манастирот. Мајка Евгенија се упокои на 2 ноември 1990 година.

 

Игуманијата Сузана Стојанович живо останала во сеќавањето на жителите на Матка.. Трпела големи притисоци, од поединци од тогашната власт, да го отуѓи имотот на манастирот скоро без надоместок. Селаните кога останала сама – често праќале дете да преспие ноќта тука. Една од фотографиите од неа, е од личниот албум, на едно од тие деца. Сите тие во добро си спомнуваат за неа.  Во библиотеката на манастирот постои само една дописка до неа. Родена е во 1900г. Немаме податоци кога заминала во манастирот Тумане, каде се упокоила во 1975г и почива таму.

Од периодот на сестринството, останати се повеќе зборници на манастирите од кои дошле, списанија, и книги.

Преподобен Гаврил Епископ Велички

Во овој манастир своевремено престојувале и Епископот Велички –  Гаврил Светогорец со својот татко монах Кирил (1972-74). Во нивниот краток престој од 2 години пред да заминат за Лесновскиот манастир, отец Гаврил главно живеел и се подвизувал во пештерите и горите на Матка, доаѓајќи во манастирот за неделните Богослужби. Неговиот татко, кој постојано престојувал и го одржувал манастирот, се удостоил да ја види да солзи чудотворната икона на Мајката Божја која денес е поставена од левата страна во црквата, а тогаш била дел од иконостасот. Преподобен Гаврил додека престојувал на Матка бил студент на богословскиот факултет. 

За него пишува – Тихомир Јанчовски- Како што често се случува, големите кризи се време и на големи луѓе, кои со своите личности ја одржуваат рамнотежата. Светител меѓу македонските монаси на возобновената Македонска православна Црква-Охридска Архиепископија.

Мијалче (подоцна Гаврил Светогорец, Епископ Велички) се родил на 10 март 1926 година, во Штип, од православни родители Методиј (подоцна монах Кирил) и Гора Парнаџиеви. Основно образование, а потоа и гимназија завршил во родниот град. Уште како млад се одликувал со посебна кротост и послушност. Потоа се запишал на Академијата за ликовни уметности во Белград. После дипломирањето, во 1955 година, четири-пет години работел како професор по уметност и историја на уметноста во гимназијата и учителската школа „Гоце Делчев“ во Штип. Покрај работата во училиштето, Мијалче, заедно со својот татко Методиј, работел и како скулптор. Вo 1963 година заминал на Света Гора. За неговиот престој таму директно добил благослов од Игуменијата на Света Гора – Пресвета Богородица. Бил замонашен во грчкиот манастир „Свети апостол Павле“ со монашко име Гаврил. Сето време додека престојувал на Света Гора избегнувал контакти со луѓе. Меѓутоа, неговиот престој таму не траел долго; морал да се врати во својата родна земја. Никогаш не му давал одмор на своето тело – речиси никогаш не спиел, а и кога спиел, секогаш лежел на земја или на тврда рогозина. Иако многу строго постел и бил многу слаб, поседувал голема виталност и енергија. Редовно ги служел сите богослужби во манастирот и непрестајно се трудел во подвигот на умно-срдечната молитва. Тишината и самотијата биле негови постојани сотрудници, затоа и често ги користел двете ближни пештери. Од Бог добил дар на проѕорливост и чудотворство. Во 1981 година, на 28-ми август, на празникот на Успение на Пресвета Богородица, од Синодот на Македонската Православна Црква бил унапреден во архимандрит, а по точно една година бил хиротонисан за Епископ со титула Велички. Иако отсекогаш копнеел и прибегнувал кон тихување, сепак, од послушание прифатил да биде хиротонисан за епископ. Си ја предвидел својата смрт и самиот си отслужил четириесет заупокоени Литургии. На 12 јануари 1990 година, со Евангелието, кое постојано го читал, и со крстот на гради, а во раката – бројаница, мирно Му ја предал својата душа на Бог. Бил погребан зад олтарниот дел на манастирот, покрај својот телесен татко и духовен син, отец Кирил. (извор МПЦ-ОА)

Архиепископ Гаврил. Архиепископ Михаил.

Манастирот  е всушност Архиепископска резиденција. Се  води како ставропигијален. Како резиденција се користела градбата од 1936-та година, која првично била изградена како полициска станица. Долги години често тука престојувал блаженопочинатиот Архиепископ Охридски и Македонски -Гаврил.

Жител монах во манастирот бил и блаженопочинатиот  Архиепископ Охридски и Македонски Господин Михаил, за кој се вели дека во спокој творел тука. Во негово време е возобновено монаштвото во Македонија. Повикани се монаси – македонци од Света Гора кои отпочнуваат со основање на монашки заедници во манастирите. Аскетското исихастичко предание се пренесува повторно од Света Гора во Македонија. Матка пак ги добива своите жители монаси. Во 1998 г. манастирот Успение на Пресвета Богородица – Матка повторно заживува, се возобновува монаштвото во облик на женска обител, чиј настојател е игуманија Перпетуа.

Во овој период својот монашки пат од монах до епископ, во манастирот Матка, го поминал и денешниот Владика Агатангел, митрополит Повардарски.

Архиепископ Стефан. Сестринство.

Сестринството кое од 1998 година е во манастирот и чиј број варирал од три до седум сестри,  денес брои пет сестри и е под благословот на Архиепископот Стефан .

Дел од ова сестринство се претстави пред Бога. Се упокоија сестра Нина (2016г.) и Сестра Анастасија (2018г.).
Овде почива и игуманијата на манастирот свети Јован Крстител – Капиштец, мајка Воскресија (2020г.), по нејзина желба е погребана тука. Бог да си спомне за нив, а по нивните молитви да си спомне и за сите нас.