РАНОХРИСТИЈАНСТВО

 

Христијанството во Македонија по благослов Божји го донел апостолот Павле пристигнувајќи и проповедајќи во Филипи во 49 г. Ширењето на верата на овие простори многу убаво го опишал Александар Мењ во својата книга „Историја на религиите“ :

         „Македонија многу се разликувала од сушните земји на Елада или Јудеја со нивните голи предели. Широкиот друм (игнацискиот воено-поштенски пат кој го поврзувал Црното со Јадранското море)  ги водел мисионерите низ дабова и борова шума, преку рекички и ливади, а над сето тоа, во сива магла, се извишувал врвот Пандеја на кого се забележувале првите снежни навеви. Во околните краишта живееле овчари и земјоделци, познати по својата издржливост, смирениот карактер и здравиот ум.

         По неколку часови слегле во долината и влегле во Филипи. Павле не мислел да се откаже од поранешната тактика: прво да оди кај Јудејците, но се покажало дека тука немало ниту десетина мажи кои биле неопходни за основање на синагогата, а само мала група луѓе кои исповедуваат јудеизам и која се подготвувала за молитва надвор од бедемите, крај потокот. Тука, под отворено небо, меѓу крајбрежните врби и камења, покрај тивкото заблискување на водата, одекнувал евангелскиот збор, прв што го слушнале жителите на Источна Европа.

Прва во името на Исуса се крстила Лидија. Св. Лука, кој го придружувал апостолот Павле, пишува:„ Господ ѝ го отвори срцето“.

Меѓу овдешните жители, Павле најпосле можел да здивне: се чувствувал како дома. Состојбата во Филипи била многу погодна. За неколку месеци Павле создал цврста општина и ги востоличил нејзините чувари: епископи, ѓакони.

Апостолот во Македонија се задржал 3 години патувајќи и проповедајќи. По неговото заминување грижата за црквите ја продолжил пишувајќи им посланици. Повторно се вратил во Филипи летото 57-та година, каде истото го минал патувајќи низ Македонија и проповедајќи дури и во соседната Илирска замја (денешна Албанија).”

Кога ја примиле верата првите христијани во Скопје, кањонот Матка, е тешко да се претпостави, но самата позиција на градот Скупи на патот кој минувал низ Филипи, и веќе првите христијански базилики во 4-от век говорат за раното постоење на христијанска црква (сочинета од христијани). 

         Регионот на Матка во Римскиот период, административно влегол во рамките на провинцијата Горна Мезија, чиј управно-административен центар, по сè изгледа, бил античкиот град Скупи (кај село Злокуќани). Во пределите на скопско, иако најчесто во близина на градот Скупи, некогаш дедуцираните (пензионирани) војници добивале земја и граделе свои живеалишта. Според археолошките ископувања, тие тука биле закопувани во гробови над кои честопати се издигани надгробни спомен одбележја во вид на стели.

         Веројатно најрепрезентативниот стамбен комплекс од раноримскиот период се наоѓал во пределот Долна Матка, каде денес се простира голема населба викенд куќи. Остатоците и трагите од југо-западната периферија на населбата во која живееле и денес може да се забележат северно од школото до под ридот, во самата близина на манастирот.

 

         Манастирот со храм посветен на Успение на Пресвета Богородица се наоѓа, недалеку оттаму, на плато на левиот брег на Треска, на околу 800m оддалеченост од центарот на селото Долна Матка. Во северната фасада на црквата е вградена надгробна стела на која е запишано: Тука лежи ослободеничката Катинија Катини Феста, која живееше 29 (или 40) години. Марко Катиниј Крисп, ослободеник и сопруг на најпочитуваната се погрижи да го направи (споменикот). Тие биле робови на Катиниј, ослободени и во текот на 2-от век се населиле на ова место.

         Во црквата се вградени и камени елементи од истиот век ( раноримскиот период) и тоа:

 

  1. Дел од архитраф (горна греда), од бел мермер, вѕидан во северната фасада. Се гледа неговата долна, (некогаш плафонска) страна, декорирана со лисје и попречен балтеус.
  2. Коринтски капител, вѕидан десно од архитрафот.

 

         Смели, но не без основа, се препоставките дека многу рано жителите на Долна Матка го примиле христијанството. До 4-от век кога отпочнала изградбата на првите базилики, христијаните (во Византија) се собирале во градбите кои претставувале собранија и храмови. По изградбата на базиликата тие веќе учествувале во Богослужбите во ранохристијанскиот храм.

 

[ngg src=”galleries” ids=”346″ display=”basic_thumbnail” thumbnail_crop=”0″ display_view=”caption-view.php”]