Постојат повеќе црковнословенски книги во ракопис на кои се оставени записи дека се своина на манастирот Успение на Пресвета Богородица во Матка.
Пишувани се, и ползувани при богослужбите, во периодот од XIV-ти до почетокот на XX-ти век.
Сведоштво се за книжевната дејност на монасите во манастирот, во континуитет од V века, последувајќи по стапките на словенските учители свети Кирил и Климент Охридски, фрескописани во олтарот на црквата.
Нивна обработка објави академик Ѓорѓи Поп-Атанасов, со кого заедно ја споделуваме со вас.
ПЕНТИКОСТАР-ЦВЕТЕН ТРИОД
Ракописот е од 1488г , хар.350л, 295х205 мм. Пишуван од двајца книжевници, од кои е познат вториот – монахот Евстратиј.
Добро сочуван, Триодот содржи црковни служби за периодот од Лазарева сабота до Неделата на сите светии, синаксарски четива за неделните и празничните денови, тропари…
На Пентикостарот има затпис од монах Авксентиј во 1846г., во кој самиот напишал дека потекнува од Старо Нагоричане и во 1801г. дошол во манастирот Матка, кој тој го нарекува Пресвета Богородица Троеручица.
Од внатрешната страна на задна корица стои затписот од о.Кирил Пејчиновиќ, во 1801г, игумен на Марковиот манастир, со негов потпис.
Да се знае дека во лето 1801 од Христа, дојде еден грешен калуѓер, што беше игумен на Марков манастир, што беше од Долни Полог од Теарце, што го викаа поп Кирил, повелам дека спроти гревовите негови немаше дел ни во калуѓерството, ни во игуменството, туку само името му беше, а добродетели ни малку немаше, туку вие браќа и отци речете- Христе Боже прости и упокој ја душата на грешниот Кирил јеромонах, мене спомнете ме и себе чувајте се од грешење, да мојата душа, и вашата, и сите христијански души што се претставиле во Шишево и на секое место, да ги всели Христос во царството свое, амин.
„Кирил Пејчиновиќ е еден од нај-истакнатите македонски црковни дејци во времето на преродбата. Роден е околу 1770/71 година во тетовското село Теарце; учи во соседното село Лешок и во Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“ кај истакнатиот црковен и просветен деец Јоаким Крчовски.
Својот монашки живот го започнува во манастирот Хиландар и Кичевскиот манастир „Воведение Богородично – Пречиста“.
Од 1801 до 1818 година е игумен на Марковиот манастир „Св. Димитриј“; во 1818 година се враќа во родниот крај, го обновува Лешочкиот манастир „Св. Атанасиј“ и во него останува до крајот на својот живот (12. 03. 1845).
За време на своето игуменување во овие македонски манастири,
Пејчиновиќ успеал во нив да формира богати библиотеки со старословенски ракописи и старопечатени црковни книги. Собирајќи ги овие книги од запустени цркви и манастири, тој фактички спасил од пропаѓање книжевно културно наследство од исклучителна важност за историјата на нашата
црковна книжевност и писмена традиција. Во библиотеките на Марковиот и Лешочкиот манастир се нашле повеќе пергаментни ракописи, како и ракописи во коишто се зачувани преписи од литературни дела на св. Климент
Охридски и на други средновековни црковни писатели.“
(…академик Ѓорѓи Поп-Атанасов)
КОДИК
Своина на манастирот Успение на Пресвета Богородица-Матка бил Кодик (проф.Ѓорѓи Поп-Атанасов, во обработката на ракописите го нарекува – Поменик) којшто се наоѓа во Софиската Народна библиотека. Ракописот во својот основен дел настанал во шеесетите или осумдесетите години на 16 век, а во подоцнежните периоди бил постојано надополнуван. Во кодикот има и записи од 17-18 век, коишто од првичните се разликуваат по писмо, јазик и содржина.
Кодикот навистина носи подоцнежни датуми на впишување (1564 – 1580г.) мeѓутoa, секако, станува збор за препис од постар оригинал што подоцна бил дополнуван. Врз неговиот основен дел работеле тројца пишувачи: јеромонах Евстратиј, монах Никодим и Азариј. Тоа го дознаваме од записите на самиот ракопис кои ги оставиле истите за својата работа.
Кодикот во еден дел е всушност поменик, од каде наведените имиња се спомнуваат за време на црковните служби – за здравје на живите и место на починатите во Царството небесно. Пред почетокот на имињата од поменикот напишано е дека истиот ќе се чита на Службата секоја сабота. Тоа потврдува дека имало редовни Богослужби, покрај неделните, кога по преданието се собирале на Литургиите подвижниците од пештерите и испосниците во манастирот Матка.
Во ракописот постојат многу записи кои се однесуваат на даровите и прилозите на поклониците за манастирот.
Кодикот се пишувал во континуитет. Еден запис во ракописот сведочи дека тој бил пренесен во Шишевскиот манастир кога игуменот јеромонах Саватиј од манастирот Успение Богородично – Матка преминал во Св. Никола – Шишевски, пред чие опожарување пак, во 1897г. бил пренесен од монахот Харитон во Бигорскиот манастир, за подоцна од таму да биде однесен во Софија.
Кодикот на манастирот Матка, во целост го има обработено и објавено Славица Николовска, во 1975г.
КОДИКОТ НА МАНАСТИРОТ УСПЕНИЕ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА- МАТКА (ВО ЦЕЛОСТ)
МИНЕЈ ЗА НОЕМВРИ
Зачуван е во целост, хар.220л.,280х195мм. Има подоцнежни записи дека се наоѓал и во Шишевскиот манастир – Свети Никола. Сепак на првата негова страна јасно е запишано- „От Матка манастир на света Богородица“.
На 12 јуни 1909г. заедно со уште 3 други ракописи од манастирот Матка е пренесен во Народната библиотека во Скопје, а оттаму во Софиската Народна библиотека каде се наоѓа и денес под бр.524 (128).
МИНЕЈ ЗА АПРИЛ
Потекнува од XVI век, хар. 114 л., 300х210 мм. Со зачуван повез и со орнаментика – црвени геометриск0 флорални иницијали.
Има ракописен запис додаден на него во кој се наведува: „От Матка монастир св.Богородица, дадена на библиотеката Скопска народна, 1909 год. 12 јуни“.
Службата на Воведение на Пресвета Богородица, која е дел од него, е повезана засебно.
На 12 јуни 1909г. и двата ракописи од манастирот Матка се пренесени во Народната библиотека во Скопје, а оттаму во Софиската Народна библиотека каде се наоѓаат и денес под бр.533 (430) и 523(431).
ОКТОИХ
Познат е само според библиографски запис од 1687г., без појаснување дали се работи за ракопис или за старопечатена книга.
Во записот се споменува дека таа книга во времето на владиката Естимиј и духовникот Антониј била поклонета на манастирот Света Богородица на реката Треска, од страна на браќата Андреја и Стојан Ковач.
Немаме податоци каде Октоихот се наоѓа денес. Познато ни е само дека извесно време бил во манастирот во Крушедол- Фрушка Гора.
ПРАЗНИЧНИОТ МИНЕЈ НА МАНАСТИРОТ
Се смета дека потекнува од крајот на XIV (првите записи на празничните служби се земени од минеј со пролози од овој век) или почеток на XV век. Надополнуван е од повеќе различни книжевници се до XVI век.
Ракописот е орнаментиран. Има зачуван повез.
Содржи служби за поголемите црковни празници, вклучително и храмовиот празник на манастирот Успение на Пресвета Богородица.
Според записи на краевите од службата за Успение, се користел во континуитет се до почетокот на XX век.
Има засебно општ типик за велика вечерна и утринска неделна богослужба.
На 12 јуни заедно со уште 3 други ракописи од манастирот Матка е пренесен во Народната библиотека во Скпје, а оттаму во Софиската Народна библиотека каде се наоѓа и денес под бр.523 (429).