МАКЕДОНСКА РЕНЕСАНСА, Доцна Византија ( IX-XI век)

  Општо појавата на монаштвото во Македонија, (дел од која е Матка,) може да се следи од Свети Кирил и Методиј, и посебно нивните свети ученици Климент и Наум, кои отпочнале со христијанизација на словенските народи.прилог3

         Свети Кирил и Методиј биле родени во Солун. Свети Методиј за време на иконоборечката ерес заминал во манастирот Олимп, таму се замонашил, а станал и игумен. Свети Кирил како особено надарен (уште како дете ги засакал делата на Свети Григориј Богослов, постојано ги читал и многу од нив научил напамет) бил испратен во познатата школа во Цариград. Се замонашил, но се вратил и како монах предавал философија и бил библиотекар. Како искусен учител- христијанин бил испраќан да проповеда по нивно барање кај Арбјаните и заедно со Методиј кај Хазарите и Словените.

         За животот на Светите Кирил и Методиј најдобро говори Свети Климент, кој нив ги споредува со Мојсеј и Арон:

И овие двајца преблажени и богоугодни мажи со ништо не се покажаа помали од нив (од Мојсеја и Арона). Напоени со истиот Божји Дух одозгора, откако се удостоија со двојна благодат, тие го изведоа народот од многумрачното ѓаволско море, го потопија мислениот фараон (сотоната) и ја уништија сета негова сила. Откако се вооружија со вера и со силата на крстот, тие го изведоа народот не во пустината, туку го упатија кон светлината на Богопознанието. Тие не извадија вода од камен како Мојсеј и Арон, туку жедните ги напоија со вера во Словото Божјо. Тие не источија вода од бесчуствен камен, туку со истечената крв и вода од пречистите ребра на нашиот Господ Исус Христос, на верните им предадоа вечна храна и бесконечен живот за спасение; тие го нахранија (народот Божји) не со ангелски леб, туку за опростување на гревовите му го дадоа самото тело на нашиот Господ Исус Христос… тие не беа проповедници на заклана жртва, туку станаа слуги и проповедници на бескрвната, мирна духовна служба. Откако смислено го зедоа крстот на своите плеќи, тие го обиколија целиот свет… и, како сончеви зраци, целиот свет го просветлија со Светлината на Богопознанието.“

Свети Кирил се упокоил во Рим на 14-ти февруари 869 г., откако примил голема схима. Свети Методиј заедно со учениците продолжил да проповеда на Словените на словенски јазик. Иако бил архиепископ на Панонија, поминал  три години во затвор, по што бил ослободен, но до крајот на животот бил принуден да се брани од постојаните обвинувања на германското свештенство. Се упокоил во 885 година.

         По смртта на Методиј, неговите ученици биле изложени на прогони, како и се уште кревката словенска Црква. Овие новоапостоли, од кои паднале оковите и вратите на затворот во Германија, во кој биле затворени им се отвориле, својата мисија ја продолжиле кај Јужните Словени.

Свети Климент и Свети Наум од бугарскиот цар Михаил (во монаштво Борис) биле упатени да проповедаат во Македонија. Свети Климент бил поставен за учител во Девол, а добил и место за почивка во Охрид. Бил неуморен во поучувањето и во моливите. Во 893г. на црковно-народен собор, Свети Климент бил ракоположен за епископ Дремвицки/Велички. На негово место за учител бил поставен Свети Наум. Се подготвувале свештеници и други клирици образовани на словенски јазик и се вовел и ширел  словенскиот јазик во сите богослужби. Во секоја парохија дејствувале по 300 одбрани ученици (учители, проповедници, клирици), а нивниот вкупен број изнесувал 3500. Во Охридскиот книжевен центар свети Наум работел седум години. Ова училиште имало карактер на универзитетска установа и со право денес се смета за прв универзитет во Европа. Сиот овој труд давал обилни плодови уште во тоа време.

Во 900 година свети Наум на брегот на Охридското Езеро основа манастир посветен на светиот архангел Михаил и сите свети небесни и бестелесни сили, којшто го осветил Епископот Климент кој на спротивниот брег основал манастир посветен на Св. Пантелејмон. Со повлекувањето во манастирот, свети Наум се вградил во темелите на монаштвото во Македонија, а околу него се собрало мноштво монаси од целиот Балкан. Тој бил мудар учител, боговдахновен раководител на монасите, строг подвижник, чудотворен молитвеник и духовник. Правел многу чуда за време на животот и по смртта. Од неговите чудотворни мошти и денес се случуваат многубројни чуда, исцеленија од тешки болести, особено лудило и демоноопседнатост. Блажениот Наум се упокоил во длабока старост и Му ја предал својата душа на Бог на 23 декември 910 година. Шест години подоцна се упокоил свети Климент. Уште на крајот на десеттиот век светите Наум и Климент се канонизирани за светители. Покрај преводите, зачувани се и многу творби на Свети Климент меѓу кои има негови беседи говорени на Богослужбите, во кои со едноставност говори (за основните догми на верата) – за Света Троица, за Воплотувањето, Раѓањето, Воскресението Христово, за Крштението, за Причестувањето, за Успениетоприлог4

Својата од Бога доверена паства со голема љубов ја водел кон Христа. Ова е мал извадок од неговата општа поука за „светата недела“ :

Блажени се смирените по дух…Блажени се тие што плачат, зашто ќе се утешат…кој пак не плаче поради своите гревови, тој безуспешно ќе плаче неутешно во вечната мака; Блажени се кротките…; Блажени се милостивите…

И ние, браќа, да се погрижиме да се удостоиме за тоа блаженство, правејќи се себе Божја црква (храм) на Светиот Дух, да не бидеме злопамтливи еден  кон друг, цутејќи со благоверие; светлејќи со љубов кон бедните, со братољубие украсувајќи се, горејќи со духот, служејќи Му на Бога. Со чистота и страв да пристапуваме кон Него, за да се јавиме достојни пред Него, како што рече Самиот Он: ‘ќе се вселам во нив, и ќе им бидам Бог, и тие ќе ми бидат народ Мој’. А како ќе биде тоа? Оној во кого ќе се всели Бог преку причестување со Неговото живототворно тело, не е ли почист од злато? Зар тој не се обновува секој ден со чистота, како орел, и полетува горе со умот? Ова разбирајќи го браќа, да се обновиме со чистота и доброта и животот да ни биде достоен. По светост да се нарекуваме христијани, а не само по име. Но, оддавајќи се на духовен подвиг, да се натпреваруваме еден со друг во добродетелта, та и нам да ни каже нашиот Господ: ‘Дојдете благословени на Мојот Отец, наследете го Царството, приготвено за вас  уште од создавањето на светот’.

         Свети Климент, кој уште за време на животот бил почитуван како светител, се претставил пред Господа на 27 јуни 916 г. Неговите мошти биле положени во неговиот манастир „Св. Пантелејмон“.

         (Во малата црква на Матка, иако раритет во Скопје, во олтарниот простор, еден спроти друг ги гледаме и денес Свети Кирил Философ и Свети Климент.)

         Во овој период отпочнува и најраната историја на светогорските манастири. Во неа своја трага оставиле и монасите по потекло од Македонија. Имено, како што соопштува Сводната зографска грамота, монасите од Охрид – браќата Мојсеј, Арон и Јован од семејството Селима – во Х-от век го градат манастирот Зограф на Света Гора, со активен монашки живот до денешни дни.