Своина на манастирот Успение на Пресвета Богородица Матка е икона на Пресвета Богородица- троеручица. Се чува во манстирската библотека во монашкиот конак.
На Пентикостарот кој најверојатно во 1801г. бил донесен од Шишевскиот манастир има натпис од монах Авксентиј во 1846г., во кој самиот напишал дека потекнува од Старо Нагоричане и во 1801г. дошол во манастирот Матка, кој тој го нарекува Богородица Троеручица -најверојатно според иконата на Пресвета Богородица – Троеручица, која и денес се чува во манастирот.
Иконите на Пресвета Богородица – Троеручица се иконописаат во спомен на исцелението на раката на свети Јован Дамаскин, во времето на иконоборството. Во неговото житие е запишано:
„Свети Јован Дамаскин најнапред беше министер на калифот Абдалмелех, а потоа монах во манастирот на Св. Сава Осветен. Заради ревносно застапување на иконопочитувањето во времето на иконоборниот цар Лав Исавријанин Јован беше наклеветен од овој цар кај калифот, којшто му ја отсече десната рака. Тој припадна на молитва пред Пресвета Богородица и раката му се состави и чудесно му зарасна. Поради радост и благодарност према Богородица, св.Јован на долната лева страна на иконата дал да се направи рака од сребро и ја приспоил сребрената рака, слична на отсечената.И од тогаш иконата го добила името Троеручица. Кога го виде тоа чудо калифот се покаја, но Јован повеќе не сакаше да остане кај него како големец, туку се повлече во манастир, каде што во почетокот им беше пимер на монасите во смирението, послушноста и во сите монашки подвизи. Испеа посмртни песни, го состави Октоихот, Ирмологијата, Месецословот, Пасхалниот Канон и напиша многубројни богословски дела со вдахновение и длабочина. Голем како монах, и како поет, и како богослов, и како војник на Христовата вистина, Дамаскин се вбројува во големите отци на Црквата. Се упокои мирно во 776 година, во сто и четвртата година од својот живот.“